Еден од најнеочекуваните филмови што се натпреварува за „Oскар“ е фасцинантната приказна за пчеларката од Балканот Атиџе Муратова. „Медена земја“ има силна еколошка порака, но животната приказна на жената во средиштето на филмот привлече внимание ширум светот, се вели во текстот на Би-би-си посветен на македонскиот документарен филм, номиниран за „Оскар“ во две категории.

„Медена земја“ е првиот филм што се натпреварува за наградата за најдобар документарец и за најдобар интернационален филм. Успехот на документарецот е уште повпечатлив бидејќи настана безмалку случајно, кога режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов го истражувале изолираниот планински крај со цел да снимат краток документарен филм – пишува во написот објавен од британскиот медиумски сервис.

Меѓу лекциите кои Би-би-си ги извлече од „Медена земја“ се наведуваат „преживувањето преку делба“, „мудроста може да биде помоќна од силата“, „можете да бидете сами, но не и осамени“, „филмовите можат да зборуваат посилно од зборовите“, „луѓето и пчелите се слични“, како и заклучокот оти „неонските светла не можат да им парираат на македонските ѕвезди“.