Албанскиот претседател Илир Мета до Специјалното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција (СПАК) поднесе кривични пријави против тројца високи функционери на Министерството за правда.
Крвични пријави добија Етилда Ѓонај, министерка за правда, Гентијан Дева, генерален секретар во Министерството за правда и Елева Хаџи, директорка на Центарот за службени публикации.
Врз основа на кривичниот закон, Мета ги товари за злоупотреба на службената должност, фалсификување документи, вршење незаконско влијание врз лица кои вршат јавна функција и присвојување на титула или државна должност, што го правеле во соработка.
Мета вели дека е одлучен да го растури обидот за државен удар, појаснувајќи дека пријави поднесол против „структурираната ќелија и опасна банда“.
-Одбрана на Уставот и интегритетот на Уставниот суд денеска е должност над должностите на секој Албанец, чесен и патриот, а пред се главна должност и мисија на претседателот на Републиката. Никогаш не се случил посериозен настан во историјата на нашата држава од овој мафијашки чин, каде врз основа на официјални докази, се покажува дека е директно вклучена дури и структурирана ќелија на чело на Министерството за правда преку кршење на Уставот, рече меѓу другото Мета.