Игуменот на Бигорската обител, архмандрит Партениј, посака благословен пост и добра Четириесетница.

– Би можело да се каже дека Света Четириесетница претставува, всушност, една скица, еден микро опис на нашиот сопствен живот. Започнува со изгонувањето на Адам и Ева од Рајот – што е и наша лична историја – со тагувањето по него, и завршува со најголемиот Празник, со суштината на нашата вера, Воскресението Христово, со кое за човекот повторно се отвора Царство Небесно. А целта на човечкиот живот е токму тоа: обожението и наследувањето на тоа Божјо Царство, чиешто предвкусување треба да започне уште овде, на Земјата, порача денеска Архмандрит Партениј.

Тој додаде дека никогаш верниците ниту ги учел, ниту сака да се делат по манастири и по духовници.

– Не сум ве учел и не сакам да се делите по манастири, по духовници. Да ги сакаме сите, сите подеднакво да ги почитуваме. На моите духовни чеда им благодарам што ме чувствуваат како татко и ги замолувам да се молам за мене. Помолете се усрдно за овој пост да биде богоугоден насекаде меѓу Христијаните во светот, да биде исполнет со вистинско покајание, па така, сите заедно да Го израдуваме нашиот мил Бог, Кој постојано ни испраќа голема милост, рече Архимандрит Партенј.

Синоќа, на Прочка, во предвечерието на постот, во Бигорски престојуваа околу 2.000 верници од сите краеви на нашата земја,кои со посебно внимание и почит го следеа обраќањето на Архимандрит Партениј.

– На четириесетдневното наше духовно и морално патешествие кон светлината на Воскресението, Светата Црква нè повика да се опростиме меѓусебно, да се возљубиме едни со други, да усвоиме едно добро и љубезно настроение кон ближните, коешто треба да нè држи не само во оваа вечер, ами и во текот на целиот пост, на целиот живот. Да се украсиме со најубавата добродетел – љубовта, која произлегува од верата и која ќе трае вечно,порача тој.

Искажа голема благодарност за масовното присуство на овој ден за да бидеме, потенцира, како едно семејство.