С. Македонија со своето однесување веќе претставува европска земја и затоа се надеваме дека кон крајот на март ќе добие зелено светло за почеток на преговорите од страна на Советот на ЕУ.

Ова го изјави денеска претседателот на австрискиот Национален совет, Волфганг Соботка на заедничката прес-конференција со собранискиот спикер Талат Џафери.

-Австрија отсекогаш ја поддржувала С. Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ и ќе продолжи да ја нуди таа силна и безрезервна поддршка во рамки на структурите на ЕУ. С. Македонина изминатиот период направи значителен напредок, особено во носењето на важни закони, како Законот за јавно обвинителство, истакна Соботка.

Спикерот на австрискиот Долен дом истакна дека земјава придонесување за намалување на конфликтите во регионот и како голем напредок во таа смисла го оцени решавањето на спорот за името со Грција.

Џафери изрази благодарност за поддршката од Австрија во процесот на пристапување на земјава во ЕУ и добивање на датум за почеток на преговорите.

Соботка и Џафери заеднички констатирале дека стабилен, демократски и просперитетен Балкан е во интерес на самата Европска Унија, а европската перспектива на регионот е главен двигател на реформите во земјите аспиранти за членство.

Џафери го информирал Соботка за актуелните случувања во земјата, дека Собранието во моментов е распуштено затоа што по октомвриската одлука на Европскиот совет за недоделување датум за преговори, политичките лидери ги повикале граѓаните на предвремени парламентарни избори за да се изјаснат за натамошниот пат на земјата.

Џафери кажа дека се прават подготовки изборите на 12 април да бидат транспарентни, фер и демократски, во согласност со меѓународните стандарди.

Посочи дека земјата останува фокусирана на статешката цел – полноправно членство во ЕУ, и потсети оти во последните денови на овој парламентарен состав беа донесени значајни законски решенија кои  придонесоа во позитивен извештај од ЕК и обновена препорака за старт на преговорите.

– Се разбира дека ни е неопходна јасна европска перспектива, јасна временска рамка и методологија и во таа смисла многу е важно што новата методологија одговори на задоволителен начин на барањата на земјите – членки за поефикасен, подинамичен и покредибилен процес во проширување, истакна Талат Џафери.

 

Соботка посочи дека на средбата со Џафери изутринава разговарале за добрата билатерална сорабка меѓу двата парламента, при што изрази надеж дека таа ќе продолжи да се развива и со следниот состав на Собранието. Додаде дека се дискутирало и за фатктот што Македонија, заедно со Бугарија го носи претседателството на Берлинскиот процес. Нагласи дека прв пат за време на Самитот во Познањ е одлучено и парламентите да бидат вклучени во спроведувањето на Берлинскиот процес.

Двајцата соговорници разогварале и за новиот бран бегалци на турско-грчката граница, при што Соботка истакна дека Австрија го поддржала зајакнувањето на капацитетите на Фронтекс и одвоиле еден милион евра преку УНХЦР за бегалските кампови во Грција.

-Важно е да се даде голема поддршка и за останатите земји од Западен Балкан, кои многу помагаат во ова прашање. Ако е потребно ќе дадеме поддршка за контингентите кои се на граница, додаде Соботка.

Во рамки на посетата на земјава, Соботка ќе се сретне и со претставници од бизнис-заедницата: Штефан Петер од ЕВН Македонија АД, Глигор Бишев и Алвин Аличевиќ од Шпаркасе банка Македонија АД Скопје.

Соботка предвидено е да оствари одвоени средби со претседателот на СДСМ Зоран Заев, со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и со претседателот на ДУИ Али Ахмети.