Судењето за случајот „Рекет“ денеска продолжи во Кривичниот суд со сведочење на Александар Радуловиќ, сопруг на познатата авторка на песни Марина Туцаковиќ.
Радуловиќ кој сведочи на предлог на одбрана на првообвинетиот Бојан Јовановски, рече дека го познава Боки 13 и неговото семејство повеќе од 12 години. Кажа дека на почетокот односот бил на професионална основа, а со текот на времето се претворил во пријателство. Заедно оделе на одмори, викенди, а Боки бил чест гостин кај нив во Белград.
Радуловиќ потврди дека му дал финансиски средства на Јовановски. Пред неколку години Боки 13 им кажал дека отвора телевизија во Скопје. Тоа за нив било интересно како можност за проширување на бизнисот во регионот. На Јовановски му помагал и приватно секогаш кога му било потребно.
На судењето беше покажано и ЦД кое Боки 13 го снимал во Србија. Радуловиќ рече дека 40 години се занимава со музика, видео спотови и филмови и оти тоа е неговиот извор на финансирање. Работел со познати музички ѕвезди како Здравко Чолиќ, Цеца Ражњатовиќ, Џеј Рамаданоски.
Бојан Јовановски бил во домот на Александар Радуловиќ една недела пред 28 февруари 2019 година. Според исказот на сведокот Радуловиќ, во тој период Бојан тргнал кон Милано, за една модна ревија и купување лекови и гардероба за неговата сопругата Марина Туцаковиќ. Тие лекови чинеле околу 12 илјади евра месечно и ги порачала за шест месеци, кажа Радуловиќ.
Сведокот одговараше и на прашање на обвинителката Вилма Рускоска, која побара објаснување дали имаат некој материјален доказ дека се дадени пари за отварање на ТВ.
– Материјален доказ се дадените пари. Има и наша изјава. Но, договор дека сме дали пари немаме. Тоа беше во пријателска основа, рече Радуловиќ.
Судењето за „Рекет“ продолжуваа со презентација на материјални докзаи од страна на обвинителството.
На следните рочишта за „Рекет” е предвидено искази да дадат сведоци предложени од обвинетата Катица Јанева.