Како и сите, и јас сум загрижен, но, сигурен сум дека сите заедно сме посилни и ќе победиме во оваа битка, вели македонскиот фудбалер Илија Нестороски, кој донира пари за борба против коронавирусот.

Нестороски, кој настапува за италијанскиот калчолигаш Удинезе, ќе донира 2.000 евра за општата болница во Прилеп.

Тој е избран неколку пати за спортист на Прилеп и последниве години е најдобар претставник на прилепскиот спорт во меѓународни рамки.

Поради пандемијата на ковид-19, Нестороски живее сам во Удине, каде неодамна го прослави 30-тиот роденден, а сопругата и децата се во неговиот роден град Прилеп.

Нестороски испрати кратка порака до своите сограѓани:

– Како и сите, и јас во овие денови сум загрижен. Но, сигурен сум дека сите заедно сме посилни и ќе победиме во оваа битка. Моето семејство е далеку, ми недостасуваат сопругата и децата. Се надевам дека наскоро ќе се вратам и ќе бидеме заедно. Ве молам да останете дома и да се придржувате на препораките на здравствените власти за доброто на сите. Ако го сториме тоа, можеме да спасиме многу луѓе, порача Нестороски.

Голема благодарност за донацијата изразија од прилепската болница, а помошта како што беше објавено на Фејсбук ќе ја искористат за набавка на заштитни маски, скафандери, средства за дезинфекција и други потреби.