Епидемиологот доктор Жарко Караџовски, денеска, запрашан зошто има голем број заразени меѓу медицинскиот персонал во Македонија, рече дека тоа е поради несоодветно користење на заштитната опрема, но не ја исклучи можноста дека можеби се заразиле и надвор од работните места. Тој додаде дека секаде во светот околу 5 до 10 отсто од докторите и медицинските сестри заболуваат од вирусот.

„Тоа се должи пред сѐ на несоодветно облекување и соблекување на заштитната опрема, како и на непочитување на протоколи кои укажуваат кога се става таа опрема, за каков тип на пациенти се става и манипулацијата со заштитната опрема. Бидејќи патувам изминатиов месец низ целата држава, лично се уверив дека на некои места има непочитување на протоколите. Лицата кои ја носат таа опрема прават пауза за цигара па ја користат истата заштитна опрема при работа со пациенти или несоодветно ја вадат… Исто така, и нивното дружење во иста соба кога не со пациенти, пиење кафе, пушење цигара или џавка муабет од една страна, а од друга страна некои од нив можеби се заразени и во домашни услови. Предвид треба да се земе дека може да заболат и во домашни услови, со разговор со роднини или пријатели. Ова што го говорам го докажува фактот што досега немаме заболен доктор или медицинска сестра на Инфективна клиниката, каде што процедурата се почитува 100 отсто“, изјави Караџовски.