Би сакал да ве известам дека поднесена е иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија за поништување на Уредбата со законска сила која се однесува на исплатата на големи пари за поранешните вработени во СЈО. Иницијативата е поднесена вчера од страна на Никола Мицевски, Координатор на досегашната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, информираше на денешната прес-конференција Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Очекуваме Уставниот Суд во најбрзо можно време да се произнесе по оваа предлог иницијатива. Дозволете ми на кратко да објаснам зошто е поднесена ова иницијатива и зошто сметаме дека уредбата која што се однесува на поранешните вработени во СЈО и исплатата на големи парични средства за нив е неуставна, незаконита и економски штетна.
Прво институтот „вонредна состојба“ согласно повеќе меѓународни документи ратификувани од страна на Македонија, а особено меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Европската Конвенција за човекови права има две главни компоненти од кои едната е законска рамка, а другата е оперативна рамка. Тоа е фактички вонредната состојба. И секогаш кога има законска рамка, законската рамка на било која уредба со законска сила мора да се однесува на темата која што е основа за прогласувањето на вонредната состојба.
Уредбата за исплата на пари на поранешни вработени, службеници, истражители во СЈО нема никаква допирна точка со основата за прогласување на вонредна состојба во Република Македонија, а тоа е борба со пандемијата и вирусот Ковид-19 и неговите здравствени и економски последици. Затоа сметаме дека оваа уредба е незаконита, е противуставна и е спротивна на уредбите кој што Република Македонија ги ратификувала како членка на Советот на Европа.
Понатаму оспорената уредба очигледно е дека има една интенција- незаконски да регулира материја кој во ниеден аспект не е поврзана со главната причина заради која што претседателот на државата воведе вонредна состојба, ниту пак има состојба на итност или нужност да уреди некое прашање за функционирање на државата за да е справи со епидемијата на Ковид 19 во Република Македонија. Затоа сметаме дека Владата ја злоупотребила вонредната состојба за да исплати пари на поранешни вработени во СЈО кои што се блиски членови на Заев, на Катица Јанева, на поранешни и сегашни обвинители и судии и партиски послушници на актуелната Влада.
Кои членови се повредени од Уставот? Со оваа уредба се повредени членот 8, членот 9, членот 51, членот 106 како и членот 126 од Уставот на Република Македонија. Затоа сметаме како ВМРО-ДПМНЕ дека доколку оваа уредба остане во сила ќе предизвика правна несигурност и ќе предизвика двојно уредување на една иста материја што е спротивно на членот 8 став 1, односно на челото на владеење на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок, како и спротивно на членот 51 од Уставот според кој што сите закони и уредби мора да бидат во согласност со Уставот и другите прописи уредени со Закон.
Затоа ние како подносители на оваа иницијатива предлагаме Уставниот суд итно да донесе времена мерка за запирање од извршување на оспорената уредба со законска сила по однос на СЈО. И второ Уставниот суд да донесе одлука со која што ќе ја поништи Уредбата со законска сила, а која што се однесува на јавно-обвинителските службеници, истражители и другите вработени во СЈО и за финансирањето на нивните незаслужени високи плати, хонорари и други трошоци.
Она што недостига и ја прави уредбата уште посомнителна е тоа што во предлогот на самата уредба, предлагачот, министерството за правда не сакал да ги открие финансиските импликации кои што ќе ги има оваа уредба, но тоа лесно може да се провери иако Владата сакала да сокрие.
Имено во 2019-та година на СЈО секој месец му се исплаќани по 272 илјади евра, односно до месец септември на СЈО се исплатени нешто од прилика 2,5 милиони евра. Доколку се земе ова како просек и се пресметаат месеците од октомври 2019 година до месец мај оваа година до кога што ќе трае вонредната состојба на СЈО ќе треба да му се исплатат отприлика два милиони евра.
Сметаме дека во моменти кога здравствените работници не се доволно опремени, кога болниците кубурат со основни средства за работа и борба против вирусот, во моменти кога имаме се поголеми редици на нови невработени луѓе кои што добиваат откази од мали и средни претпријатија заради економската криза е навистина големо расипништво да се потрошат два милиони евра за поранешните вработени службеници и истражители во СЈО кои се блиски до СДСМ.
Затоа се прашуваме зошто девојката на Лазар Јанев, син на Катица Јанева би имала повеќе права да добие високи средства и хонорари од Владата како поранешна вработена во СЈО, а да не може тоа да го добие некој келнер, готвач или касиерка која што ја загубила својата работа во изминативе месец дена.
Зошто ќерката на поранешниот директор на МЕПСО, Сашо Василевски, Марија Василевска вработена по роднински врски во СЈО би била побитна од некој друг граѓанин вработен во приватниот стопански сектор кој што изминативе месец дена добил отказ заради тешката економска состојба и заради неспособноста на владата да им помогне на стопанските субјекти.
Зошто Ефтимија и Љупчо Чочурски, братучеди на обвинителот Гаврил Бубевски би биле побитни и привилегирани да добијат илјадници евра во оваа тешка ситуација, а тоа да не го добие некој здравствен работник како награда за тоа што работи по 14 часа на ден и се бори со пандемијата и во Куманово, и во Скопје и во Прилеп и во Дебар.
Затоа ние предлагаме после по укинувањето на оваа уредба која што е спротивна на Уставот и законите кои ја регулираат оваа материја за работни односи Владата да размисли и овие два милиони евра кои што би ги потрошиле за поранешните вработени службеници шофери, истражители и кафекувари во СЈО да ги намени многу покорисно, односно со два милиони евра да размисли да купи 500 квалитетни скафандери за доктори и медицински сестри и 10 нови амбулантни возила кои што Заев ги ветуваше дека ќе ги купи уште пред 4 години.
Или доколку овој предлог не е соодветен тие два милиони евра кој што би требало да бидат потрошени од државниот буџет за СЈО би можеле да се потрошат за да се помогнат новите 10 илјади невработени луѓе кои што секој ден се регистрираат во Агенцијата за вработување.
Сметаме дека би било многу поправично и по морално доколку овие два милиони евра наменети за милениците роднините и партиските послушници на Заев и на Катица Јанева се наменат за реалниот сектор за здравствените работници и за луѓето кои што губат работа затоа што владата не е способна да интервенира и да им помогне на стопанството. Се надевам дека Уставниот Суд во најскоро време ќе ја разгледа оваа иницијатива и истата ќе ја уважи.