Техничкиот премиер Оливер Спасовски на својот профил на Фејсбук денеска напиша дека „на 27 април 2017 година, со монструозна намера и со насилство беше организирана и спроведена злосторничка акција од лидерите на тогашната владеачка партија кои беа решени да се задржат на власт по секоја цена, без чувство за последиците на нивните мрачни амбиции“.

За Спасовски ова е најмрачниот ден во поновата историја на нашата држава.

-Упадот и обидот за окупација на домот на македонската демократија беа агресија против секој граѓанин на РС Македонија и на темелите на парламентаризмот. Нивните постапки не беа само организиран криминал, туку беа предавство на идеалите и принципите на слободата и демократијата. Денес сѐ уште се чини неверојатно дека безумието отиде до таму што некои од насилниците, за да го реализираат нивниот монструозен план и намера, биле подготвени и за ликвидации на некои од членовите на Собранието, пишува Спасовски.

Според него, за да не се случи голема трагедија и најлошото, помогнаа разумот и присебноста на мнозинството од пратениците, храброста на поединците и силниот порив кај секој од нив безумието да заврши без трагични последици.

-Застапниците на слободата и демократијата сепак победија, а некогаш заробената држава денеска е членка на НАТО и земја која ги отпочнува преговорите за членство во ЕУ. Мнозинската волја на граѓаните, застанати зад идејата за едно современо општество, ја донесе одлуката за поинаква, граѓанска, демократска РС Македонија, земја на можности за сите свои граѓани, пишува премиерот Спасовски.