ЧУЛЕВ НА ГОДИШНИНА ОД МАСАКРОТ КАЈ ВЕЈЦЕ: Хероите никогаш не умираат!

/ 28.04.2020

Наќе ЧУЛЕВ

Хероите никогаш не умираат, тие вечно живеат во нашите животи.

Денес во Битола, пред споменикот “Ангел“, како и во кругот на СВР Битола, со положување на цвеќе ја одбележавме 19 – годишнината од херојската смрт на четворицата припадници на Посебната единица при СВР Битола – Марјан Божиновски, Илче Стојановски, Кире Костадиновски и Бошко Најдовски, како и на четворицата припадници на армиската единица “Волци“ – Роберт Петковски, Бобан Трајковски, Игор Крстевски и Миле Јаневски, кои што ги положија своите животи во одбрана на татковината на денешен ден во 2001 година кај тетовското село Вејце.

На комеморативното одбележување на трагичната смрт на овие македонски херои учествуваа и претставници на локалната самоуправа на Битола, на политичките партии како и на семејствата на загинатите бранители.

Со овој чин не само што се оддава должната почит кон огромната, неспоредливо најголема жртва на нашите бранители, туку се испраќа и јасна порака дека хероите никогаш не умираат, тие вечно живеат во нашите животи. Министерството за внатрешни работи, во рамки на своите можности, и натаму ќе остане отворено за семејствата на нашите загинати бранители, за бранителските организации – секогаш да им излезе во пресрет на нивните барања и потреби.

Фејсбук статус на техничкиот министер во МВР, Наќе Чулев.


Од истата категорија