Граѓаните се во очекување на одлуката за распишување референдум за името. Парламентарните партии се уште водат разговори да се постигне договор, особено откако во понеделникот лидерите соопштија дека имаат разлики, главно за референдумското прашање.
Во неколку официјални изјави премиерот Зоран Заев и претседателот на Собранието Талат Џафери најавија дека до 30 јули референдумот треба да биде распишан за тој да се одржи најверојатно на 30 септември. Со формирањето на ДИК, чии членови во понеделник ќе дадат свечени изјави, се создадоа и формални услови за негово организирање.
Заев во средината на неделата изјави дека верува оти до 30 јули Собранието ќе донесе одлука за распишување на референдумот, кој, како што изјави, ќе биде организиран и без опозициската ВМРО-ДПМНЕ во случај со нив да не се постигне договор, за што, во тек се разговори на парламентарно ниво.
Во случај да не се постигне договор со ВМРО-ДПМНЕ очекува соодветно позиционирање на нивните пратеници за одлуките за распишување на референдумот, но и пред јавноста. Тие, според Заев, мора да кажат кој им е ставот, дали ќе бидат за бојкот, тивок бојкот, за повик за референдум, а да гласаат против, ќе бидат за повик, а граѓаните слободно да одлучуваат.
– Тоа е нивно право, но должност на сите е да обезбедат процесот да биде успешен, изјави Заев.
Премиерот кажа дека тие се отворени за расправа за прашањето дали референдумот да биде консултативен или обврзувачки.
– На крајот одлуката е задолжителна затоа што граѓаните теоретски може да излезат милион, а ако 600 илјади гласаат за, а 400 илјади гласаат против тогаш политичарите ја спроведуваат одлуката, гласаат во Парламентот и постигнуваме консензус. Ако излезат милион гласачи, 600 илјади се против, а 400 илјади се за, тогаш не важи Договорот со Грција. Ако излезат 800 илјади гласачи, 600 илјади гласаат за, а 200 илјади се против тогаш граѓаните не донеле одлука. Ако нема исполнет цензус нема одлука како што е по Уставот и тогаш останува институциите да одлучат, Парламетнот да гласа за уставни промени или да гласа против уставни промени, рече Заев.
Проблемот, според него, е околу референдумското прашање затоа што, како што рече, чесно, јасно образложливо, едноставно и фер кон граѓаните е да им се соопшти прашање кое што е основ за постигнување на Договорот со Грција за нашите интеграциски перспективи.
Премиерот апелира референдумот да се одржи како успешен процес и притоа да се гарантира валидност и вреднување и на тие што ќе гласаат за и на тие што ќе гласаат против.
Вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шеќеринска вчера изјави дека доколку на референдумот се донесе одлука таа е обврзувачка за институциите, но доколку не се донесе одлука институциите имаат обврска да го кажат своето мислење.
– Нашата цел е да го исполнме она што е ветено, да им дадеме шанса на граѓаните да го кажат своето мислење за ЕУ, за НАТО и за патот преку кој ќе стигнеме до тоа членство. Ги поттикнуваме граѓаните најотворено да го кажат својот став, ако некој е убеден како што ние сме убедени дека огромно мнозинство граѓани посакуваат земјава да се нормализира, да се стабилизира, да се стави на тој пат, ќе излезат и ќе го дадат својот глас. Оние кои сметат дека тоа не е добро исто така може да излезат и да го дадат својот глас. Таа одлука ја оставаме на граѓаните и ги повикуваме да го дадат своето мислење, порача Шекеринска.
Според нејзините сознанија Собранието најверојатно в понеделник ќе ја донесе одлуката за распишување на референдумот.