По нешто помалку од два месеци, Грците го поминуваат првиот викенд без ограничувања и можност за слободно движење, а се чини дека го користат максимално со оглед на тоа дека во текот на вчерашниот ден особено зголемена беше раздвиженоста, не само во Атина, туку и во другите грчки градови, а паралелно, се финализираат и подготовките за отворањето на продавниците во втората фаза на олабавувањето на мерките во Грција, што започнува утре, јави дописничката на МИА од Атина.
Високите температури кои во одредени делови на земјата достигнаа и до 30 степени, во комбинација со 42-дневниот карантин што заврши во понеделникот, резултираше Грците масовно да излезат од нивните домови.
Со кафиња за носење на плоштадите, во парковите, на плажите, како во текот на денот, така и во вечерните часови, некои со маски, некои без, некои со држење на потребното растојание, но не сите, Грците го поминуваат првиот пост-карантински викенд.
Веројатно, најпосетени беа плажите. Особено оние во близина на Атина.
Организираните плажи со лежалки и „бич барови“ се сѐ уште затворени, меѓутоа дозволен е пристапот до градските плажи, кои беа полни со граѓани на сите возрасти.
Раздвиженоста е повеќе од очигледна, не само на плажите, туку и во сите атински населби.
Зголемен сообраќај по улиците, намален број граѓани кои возат велосипед или трчаат (физичката активност беше една од исклучоците од забраната за движење, па за време на карантинот забележително голем беше бројот на оние кои трчаа или возеа велосипед), Атина полека започнува да ја добива живоста што ја имаше пред рестриктивните мерки.
Во вечерните часови, со оглед на тоа дека кафулињата и баровите се затворени, младите Грци најдоа нов начин на забава, со собири на плоштадите. Појава која наидува на критики, бидејќи се забранети собирања на над десет лица, доста често не се држи неопходното растојание, а веќе, во неколку случаи имаше инциденти со полицијата.
Започнува втората фаза на олабавување на мерките
Со отворање на продавниците, училиштата, но само за матурантите, автошколите, со враќање на работа на 70 отсто од државните службеници, утре во Грција започнува втората фаза од планот за олабавување на рестриктивните мерки.
Во центарот на Атина, раздвижено е и по продавниците. Иако голем дел од нив се уште се затворени, сопствениците и вработените викендов се подготвуваат за новиот почеток под нови правила и прописи. Дезинфекција на просторите, промена на излозите и адаптирање на околностите. По два месеци, утре се отвораат сите продавници за малопродажба, со исклучок на трговските центри и моловите.
На работа се враќаат 155.962 вработени, од вкупно 690.218 кои на принуден одмор поради рестриктивните мерки, а се отвораат 66.010 бизниси, односно 25 отсто од вкупниот број.
Сопствениците со кои поразговара дописничката на МИА од Атина, велат дека два месеци го чекале овој момент, повторно да можат да ги отворат продавниците.
– Подготвени сме, тука се ракавиците и маските за вработените. Оптимист сум дека по толку денови затворени дома, луѓето ќе сакаат да излезат на шопинг, сега за сега само Грците, а во текот на јули и август ги очекуваме и туристите, вели сопственичка на продавница за обувки во центарот на Атина, додека заедно со вработените ги редат чевлите и се подготвуваат за утрешното отворање.
Особено ќе бидат претпазливи сопствениците на продавници за облека, кои објаснуваат дека по секое пробување од клиентите, облеката ќе ја дезинфицираат со апарат на пареа.
„Welcome back“ е натписот што ќе ги пречека утре Грците на една од продавниците, додека, пак, не е мал бројот на оние кои нивните излози ги адаптираат на новите околности, па така куклите се со заштитни маски.
Заштитните маски, пак, за вработените и потрошувачите не се задолжителни, туку постои силна препорака за нивно користење, а има посебни правила и ограничувања и во бројот на клиенти.
Ќе биде во зависност од големината на продавницата, ако е до 20 метри квадратни, не смее да има повеќе од четири лица (вработени и муштерии), од 20 до 100 метри квадратни, четири лица плус едно лице на секои десет метри квадратни за секој дополнителен метар квадратен. За продавниците од над 100 метри квадратни, 12 лица плус едно лице на секои 15 метри квадратни.
Во јавниот сектор, пак, од утре на работа се враќаат на работа 70 отсто од државните службеници.
Матурантите се враќаат во училишните клупи
Во втората фаза на олабавувањето на мерките, се вклучени и училиштата, а утре започнува наставата за матурантите, додека, пак, на 18 мај, во училишните клупи се враќаат сите средношколци.
За основните училишта и градинките за деца од четири до шест години, дополнително ќе се разгледа можноста за отворање на 1 јуни, доколку тоа го дозволува текот на епидемијата.
По еден ученик во клупа на растојание од еден и пол метар, најмногу 15 ученици во секој училница, поделба на класовите и наизменични одмори за да се избегнат гужви, се дел од правилата под кои ќе работат грчките училишта според упатствата во заедничката министерска одлука на надлежните министри и во циркуларот од Министерството за образование на Грција објавени во четвртокот.
Доколку во класовите има над 15 ученици, тие ќе бидат поделени во две групи. Едната група ќе следи настава понеделник, среда и петок, другата вторник и четврток, а ќе се менуваат на една седмица. Во деновите кога нема да имаат настава на училиште, предвидена е програма за учење дома.
Според правилата за начинот на работа, потребно е учениците и професорите да бидат внимателни во излегувањето од училниците, тоа да биде постепено и со ред, да постојат различни делови за секоја група, на одморите да се проветруваат училниците, а забранети се игри со топка (кошарка, фудбал, одбојка и слично) на големите одмори или по часовите.
За часовите по информатика, тастатурата на компјутерите треба да биде покриена со пластична проѕирна фолија, од оние што се користат за храна, а да се менува за секој ученик.
Во Грција, од почетокот на епидемијата заклучно со вчера, регистрирани се вкупно 2.710 позитивни случаи на Ковид-19, а почина 151 лице.
Сања Ристовска