Државната изборна комисија (ДИК) денеска до Кабинетот на претседателот треба да го достави своето мислење за временските рокови потребни за спроведување на изборниот процес.
Македонија досега чекаше и „повеќепати доби, па не доби“ од Брисел датум за преговори со ЕУ, а сега е во исчекување и на датум заизбори од Водно.
Претседателот на државата Стево Пендаровски вчера имаше средба со членовите на ДИК, со што и започна собирањето на договорените дополнителни информации што треба на лидерите на политичките партии да им помогнат за одредување нов датум за парламентарни избори.
Претседателот Пендаровски ги запознал членовите на ДИК со ставовите на претседателите на политичките партии и консензуално усвоениот став дека е потребно Комисијата да достави мислење за временските рокови потребни за спроведување на изборниот процес.
Лидерите на политичките партии на средбата кај Пендаровски во вторникот се договорија да се побара мислење од Комисијата за заразни болести во однос на мерките и протоколите кои треба да се почитуваат при одржување на изборни процеси во време на пандемијата на КОВИД-19, ДИК да достави мислење за временските рокови кои и се потребни за завршување на подготовките за спроведување на изборниот процес, како и мислење од Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за временската рамка во која може да испратат набљудувачка мисија за изборите. Следната средба треба да се одржи на почетокот на идната недела.
Во ДИК има различни мислења во врска со продолжувањето и спроведувањето на изборниот процес во контекст на мерките што се на сила за превенција на ширењето на коронавирусот и речиси двомесечниот прекин на овие дејствија, како и за Уредбата со законска сила што на 21 март ја донесе Владата, за што говорат ставовите на претседателот на ДИК Оливер Деркоски и членот на Комисијата Борис Кондарко.
Деркоски, кој е делегиран од ВМРО-ДПМНЕ, смета дека изборниот процес треба да се организира од почеток, со повторно распишување на изборите, за да не може никој да го оспори нивниот легитимитет, додека, пак, неговиот колега Борис Кондарко предложен од СДСМ, смета дека изборните рокови треба да продолжат таму каде што биле прекинати поради прогласената вонредна состојба.
Ист став застапуваат и претседателот на Собранието Талат Џафери и поранешниот претседател на ДИК Александар Новаковски, според кои, веднаш по прекинувањето на вонредната состојба, треба да продолжат активностите за организација на изборите таму каде што застанале, а партиските лидери, по препораката на здравствените власти, да го договорат терминот за нивно одржување.
Парламентарните избори беа закажани за 12 април, па одложени поради вонредната состојба и ширењето на Ковид -19. Изборниот процес беше прекинат на 22 март со заклучок на ДИК, а по донесената Уредба со законска сила од Владата.
Премиерот Оливер Спасовски вчера во Штип имајќи ги предвид мерките за справување со коронавирусот, соопшти дека Владата прави детален протокол како ќе се одвива кампањата на политичките партии на терен, но и како ќе спроведат изборите на денот на гласањето.
-Главно во сите протоколи е дистанцата и носењето на заштитната опрема и тоа е многу важно ако сакаме да ја одржиме состојбата, ваква каква што ја имаме, да имаме тенденција на намалување на инфицираните и од тој аспект ќе биде подготвен детален протокол, како да се однесуваат политичките субјекти, во текот на изборната кампања и за самиот ден на изборите, вели Спасовски.
Тој очекува дека партиите веќе наредната недела ќе го утврдат и датумот на предвремените парламентарни избори. Повтори дека приоритет е здравјето на граѓаните, но дека исто така е добро што поскоро да имаме избори, за да имаме функционални институции.
Партиите со различни ставови за дел од изнесеното на лидерската средба
По лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ повторно со различни толкувања на тоа што било кажано таму.
Од СДСМ наведоа дека на лидерскатата средба, сите политички партии изразиле целосна и недвосмислена доверба во Комисијата за заразни болести, во епидемиолозите и во Владата за начинот на справувањето со кризата, и покрај тоа што, како што беше наведено во соопштението од партијата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски имал првична идеја да ја партизира оваа стручна комисија, за што подоцна се премислил и повлекол.
-Зоран Заев беше прв на лидерската средба што целосно јасно со детално разработени факти ги отвори сите аргументи за очекувањата во здравствениот аспект и економските последици, за потребата од избор на институции со полн легитимитет даден од граѓаните во првиот можен рок, за условите и роковите (за завршување на ажурирањето, дополнителниот јавен увид и проверки, па се до печатење на изборниот материјал), посочија од СДСМ. Заев, како што наведоа, ги отворил и сите датуми кои се можни како опции за спроведување избори во јуни или почеток на јули, на што немало спротиставување од ниту еден од присутните, вклучувајќи го и Мицкоски иако потоа брифирале „лаги дека само Заев бил за избори“.
На средбата Мицкоски немал никаков детален план, ниту за здравството, ниту за економијата, туку имал план само за една своја лична цел – да бега од темата за избори, наметнувајќи други теми на состанокот.
-Избори мора да има заради здравјето на граѓаните, заради новата економија за која се подготвуваме, заради институциите кои им служат на граѓаните и заради новата нормалност која мораме веќе да ја гледаме како можност, а не како пречка, посочија од СДСМ.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера во интервју за Телма рече дека здравјето на граѓаните е пред се и дека никој не брза да оди на избори и не сака веднаш да оди на избори, но и дека треба да се земе предвид фактот дека коронакризата одминува, а земјата нема функционален парламент.
– Нема политичка влада која треба да ја носи одговорноста и функционален законодавен дом и функционална политичка влада која што ќе носи одговорни политики. Затоа час поскоро треба да ја завршиме оваа работа, истакна Заев.
Портпаролот на партијата Костадин Костадинов во одговор на новинарско прашање потенцираше дека изборите се прогласени и распишани одамна, а со владина Уредба тие се само одложени. Обвини дека ВМРО-ДПМНЕ е во бунило и дека бега од избори.
-Вреди да ги потсетиме дека изборите се прогласени многу поодамна, дека со прогласувањето на изборите е распуштено и Собранието на Република Северна Македонија и секако заради пандемијата и заради појавувањето на корона вирусот беше донесена уредба со којашто изборите беа одложени.
Вреди да се потсети јавноста за неодговорното и деструктивно однесување од страна на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ кое што го гледаме и деновиве и на лидерската средба, но и од самото преземање на партијата од страна на Христијан Мицкоски и неговите кадри, рече меѓу другото Костадинов.
Од друга страна, Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека Заев инсистира на небезбедни избори со помала излезност за да го ублажи својот пораз.
-ВМРО-ДПМНЕ е прилично задоволна од исходот на лидерската средба кај претседателот Пендаровски затоа што начелно беше прифатен планот кој што го понудивме во четири точки, а тоа е консултација и извештај од Комисијата за заразни болести, консултација извештај и проценка од ДИК, потоа извештај и допис од ОДИХР кога ќе можат да испратат полна набљудувачка мисија и откако ќе се исполнат овие услови на крајот да се направи една сериозна анализа за определување на нов термин за одржување на безбедни, регуларни и кредибилни избори, рече Милошоски.
Според него, за жал само Заев кој е претседател на СДСМ останал единствениот изолиран политичар кој без разлика на потребата од сериозни анализи од здравствен и изборен аспект, лицитира со изборни датуми, но за среќа ниеден друг претседател на политичка партија присутна на самиот настан не ги прифатил.
-Зошто господинот Заев лицитира на ваков начин со датумот за изборите можеме само да претпоставиме, една од претпоставките е дека во последно време се повеќе анонимни дојавувачи така наречени свиркачи се охрабруваа за господинот Заев како премиер и за неговите поблиски соработници да споделуваат со нас материјали кои што се основани сомненија за одредени инкриминирани дејствија. Веројатно и самиот е свесен за тој податок и сака лов во матно, односно организирање на небезбедни избори кои што би можеле да го намалат одѕивот на граѓаните, а со тоа Заев да го ублажи својот очекуван пораз, рече Милошоски.
Повтори дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена во секој момент да настапиме на избори и да победи.