Постигнувањето согласност на Европскиот совет за започнување на пристапни преговори со Албанија и С. Македонија требаше да се случи одамна, вели германскиот амбасадор Томас Герберих.
– Тоа е во интерес на ЕУ како целина, но особено во интерес на соседните држави на ЕУ во регионот. Би било сега грешка овој успех да се уништи со политизација на историските дадености. За историските прашања мора да се разговара, може и контроверзно да се дискутира за нив. Но, тие не им припаѓаат на политичките процеси кои ги решаваат проблемите на сегашноста и мора одговорно да се насочени кон иднината, вели во интервју за МИА Герберих запрашан за оценките на дел од јавноста во земјава дека најавените бугарски барања во делот на историјата и јазикот се вовед во ново вето за Скопје во процесот на евроинтеграцијата.
Запрашан за коментар дали процесот на проширување може да забави поради корона пандемијата, амбасадорот Герберих подвлекува дека станува збор за глобален предизвик со кој сите ние мора актуелно да се соочиме и тоа е моментално приоритет и за ЕУ и за нејзините партнери, но Западен Балкан, вели, останува високо на дневниот ред на ЕУ.
-С. Македонија, како и сите земји од Западен Балкан, презеде брзи и решителни мерки и успеа да ја намали стапката на инфекција и да ја држи смртноста на ниско ниво. Исто како во Германија, политиката и општеството сега започнуваат да размислуваат за стратегии за излез и за опоравување. Се разбира дека ова моментално е приоритет и за целата ЕУ и за нејзините партнери. Но, Западен Балкан е сосема горе на дневниот ред на ЕУ, ова не се празни зборови, туку реалност. На ова место би сакал уште еднаш сосема јасно да нагласам дека земјите од Западен Балкан за ЕУ и за Германија се од највисок приоритет. Обемната поддршка на ЕУ за земјите од Западен Балкан за справување со короната е значаен доказ за тоа: ЕУ само за С. Македонија дава на располагање 66 милиони евра за покривање на итната потреба во здравствениот сектор, како и 160 милиони евра макрофинансиска помош. Со тоа Самитот испрати силен знак на солидарност. Истовремено се потврди пристапната перспектива на шесте држави од Западен Балкан и ги охрабри да го продолжат започнатиот реформски пат кон членство во ЕУ, истакнува амбасадорот Герберих.
Усогласувањето на преговарачката рамка за Македонија очекува да започне во јуни, но вели, не е предвидливо кога таа ќе биде финализирана, бидејќи новата методика на проширување мора да се заокружи, а корона кризата ги успорува и тековите во Брисел.
-Работата на преговарачката рамка ќе биде приоритет во досието за проширување и за време на германското претседателство со Советот. Значајно е Владата на С. Македонија да продолжи со реформите, вели германскиот дипломат.
Во делот на реформите централно значење, додава, ќе имаат оние во областа на владеење на правото, одговорно владеење и демократија. За време на нивното претседателство ќе се посветат и на темата млади, иселување и демографска ситуација во земјите од Западен Балкан за што планираат конференција од висок ранг во Берлин на крајот од октомври, а ќе продолжат со ангажирање за поддршка и на регионалната соработка за што значајна улога има и Берлинскиот процес. На заедничкиот Самит што ќе го организираат Бугарија и Македонија наесен, ќе се фокусираат на напредок во однос на дигиталната агенда, особено во сферата регионална економска соработка.
Следи целосното интервју на амбасадорот Герберих за МИА.
Германија е силен и докажан поддржувач на РС Македонија и нејзините стратешки цели за евроатланстака интеграција. Токму во вашиот тригодишен мандатот како амбасадор на Германија во земјава се реализираше една од нив – членството во НАТО, а во месец март и во услови на пандмија беше донесена одлука од страна на Европскиот Совет за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ. Сепак во записникот од самитот беше вметната и забелешката на Бугарија како мислење на една земја членка, но не и во заклучоците од самитот и тоа, според оценките на власта тука, не е став на целата ЕУ по однос на ова прашање. Како ги коментирате оценките на дел од јавноста во земјава дека после надминувањето на спорот за името со Грција, тоа е вовед во ново вето за Скопје, за евроинтеграцијата поради најавените бугарски барања (во делот на историјата и јазикот )?
-Во мојот мандат како германски амбасадор од летото 2017 г. до денес имав можност да видам како Владата на РС Македонија успеа да го реши спорот со името со Грција и да го втемели новото име „Република Северна Македонија“ во Уставот, во март 2020 г. следеше приемот во НАТО, а исто така во март 2020 г. Европскиот совет донесе одлука за безусловен почеток на пристапни преговори со ЕУ. Тоа се три настани, кои со право може да се окарактеризираат како историски. Постигнувањето согласност на Европскиот совет за започнување на пристапни преговори со Албанија и Македонија требаше да се случи одамна. Тоа е во интерес на ЕУ како целина, но особено во интерес на соседните држави на ЕУ во регионот. Би било сега грешка овој успех да се уништи со политизација на историските дадености. За историските прашања мора да се разговара, може и контроверзно да се дискутира за нив. Но, тие не им припаѓаат на политичките процеси кои ги решаваат проблемите на сегашноста и мора одговорно да се насочени кон иднината.
На Загребскиот онлајн самит фокусот беше ставен на справување со Ковид – 19 вирусот, а не на проширувањето иако беше поддржана ЕУ-перспективата на земјите од регионот. Можно ли е да дојде до одлагање на процесот на преговори поради корона кризата визави изјавата на претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен дека процесот на проширување може да се забави поради пандмијата?
-Сите ние мора актуелно да се соочиме со глобалниот предизвик од новиот коронавирус. С. Македонија, како и сите земји од Западен Балкан, презеде брзи и решителни мерки и успеа да ја намали стапката на инфекција и да ја држи смртноста на ниско ниво. Исто како во Германија, политиката и општеството сега започнуваат да размислуваат за стратегии за излез и за опоравување. Се разбира дека ова моментално е приоритет и за целата ЕУ и за нејзините партнери. Но, Западен Балкан е сосема горе на дневниот ред на ЕУ, ова не се празни зборови, туку реалност. На ова место би сакал уште еднаш сосема јасно да нагласам дека земјите од Западен Балкан за ЕУ и за Германија се од највисок приоритет. Обемната поддршка на ЕУ за земјите од Западен Балкан за справување со короната е значаен доказ за тоа: ЕУ само за С. Македонија дава на располагање 66 милиони евра за покривање на итната потреба во здравствениот сектор како и 160 мил. евра макрофинансиска помош. Со тоа Самитот испрати силен знак на солидарност. Истовремено се потврди пристапната перспектива на шесте држави од Западен Балкан и ги охрабри да го продолжат започнатиот реформски пат кон членство во ЕУ.
Европската комисија по донесувањето на одлуката доби мандат да ја подготви преговарачката рамка во која земјите-членки ставаат елементи според нивните гледања за формално почнување на процесот на преговори. Претставници од власта во земјава веќе изјавија дека очекуваат таа да биде претставена на почетокот на јуни, а официјалниот старт со меѓувладината конференција да се случи за време на германското претседателство во втората половина од годинава. Реални ли се ваквите очекувања?
-ЕУ ќе се обиде најбрзо што може да ја усогласи преговарачката рамка, подготовките на преговарачката рамка ќе започнат во јуни. Сега во секој случај не е предвидливо кога тие ќе бидат финализирани, бидејќи новата методика на проширување мора да се заокружи, а корона кризата ги успорува и тековите во Брисел. Работата на преговарачката рамка ќе биде приоритет во досието за проширување и за време на германското претседателство со Советот. Значајно е Владата на Северна Македонија да продолжи со реформите.
Кога ќе бидат претставени приоритетите на германското претседателство и каде котира процесот на проширување на шестмесечната агенда на Берлин, дали може да очекуваме нови иницијативи во однос на забрзување на овој процес?
-Програмата на германското претседателство со Советот како и трио-програмата ќе се актуелизираат уште еднаш со оглед на влијанијата од корона пандемијата. За политиката на проширување можам уште сега да кажам дека работата на преговарачката рамка со Северна Македонија сигурно ќе биде во централните елементи на досието за проширување. Притоа, се разбира дека централно значење ќе имаат реформите, пред сѐ, во областа на владеење на правото, одговорно владеење и демократија. Имаме намера за време на нашето претседателство да ја обработиме и темата млади, иселување и демографска ситуација во земјите од Западен Балкан. Планираме да организираме конференција од висок ранг во Берлин на крајот од октомври, за да започнеме дијалог за поконкретно да ги истражиме причините за иселување и да развиеме стратегии за справување со проблемот на начин кој ќе биде од полза за двете страни. Германија и понатаму се ангажира за поддршка на регионалната соработка. Корона кризата уште појасно стави до знаење: регионалната соработка помеѓу шесте земји од Западен Балкан е клучна за совладување на постоечките предизвици. Берлинскиот процес и во овој поглед има значајна улога и се радуваме на заедничкиот Самит што ќе го организираат Бугарија и С. Македонија наесен, на кој сакаме да постигнеме напредок на дигиталната агенда особено во сферата регионална економска соработка.
Го одбележавме 9 Мај – Денот на Европа во услови на мултидимензионални предизвици за ЕУ – спарвување со корона кризата и нејзините последици по економијата, Брегзит, миграциската криза, одбранбениот систем на ЕУ и зајакнувањето на Унијата. Ова се дел од темите за кои се бараат одговори на Конференцијата за иднината на Европа која треба во наредните две години да послужи како форум за поврзување на европските граѓани, цивилното општетство и европските институции за тоа каква ЕУ сакаат. Кои се германските видувања за иднината на Европа и дали е потребна гласност и на земјите од Западен Балкан како идни членки на Унијата?
-Корона кризата на сите нас многу јасно ни предочи колку од централно значење за сите земји е европската и меѓународната солидарност. Притоа, ЕУ и Германија придаваат особено значење на регионот на Западен Балкан, како и на земјите од источното соседство. Сите ние мораме да се соочиме со глобалните предизвици на сегашноста, тоа не се однесува само на новиот корона вирус, туку и на суштинските прашања како предизвиците од климатската промена, светските миграциони движења или решавањето на локалните конфликти. С. Македонија и сите земји од Западен Балкан донесоа брзи и решителни мерки и успеаја да се справат со корона кризата и сега размислуваат за стратегии за излез и опоравување. Дозволете заедно да ги употребиме овие стратегии и за други значајни регионални и глобални предизвици.
На крајот од мандатот пред заминување од земјава што ќе и порачате на земјата во однос на ЕУ итгерацијата и нејзините натамошни перспективи?
-Сосема јасно: консеквентно продолжување на патот на евроатлантските интеграции на основа на досега постигнатото. Спроведување на започнатите реформи со цел создавање на демократско општество што почива на принципите на правната држава, кое на сите граѓани на С. Македонија, пред сѐ, на децата и на младите, ќе им понуди безбедна иднина во мир и слобода.
Виолета Геров