Двајца потешко и тројца полесно се повредени во синоќешната несреќа што се случи пред влезот на Велес, кога патничко возило излета од патот и падна на железничката пруга Градско-Велес, а потоа во него удри воз кој сообраќал на линијата Гевгелија-Скопје. За среќа, патниците биле надвор од автомобилот кога возот удрил во него.
Меѓу потешко повредените е и тримесечно бебе кое има повреди на главата и кое синоќа по укажаната лекарска помош во Општата болница во Велес е пренесено на скопските клиники во придружба на неговата 21-годишна мајка која се здобила со полесни повреди. По прегледот на скопските клиники, мајката и бебето се повторно вратени во Општата болница во Велес каде се уште се на лекување.
Вториот потешко повреден е возачот кој има фрактура на лумбална кичма и кој поради сериозноста на повредите е пренесен на клиниките во Скопје.
Портпаролот на Општата болница од Велес за МИА информира дека сите повредени се надвор од животна опасност.
Четворица од повредените се од Неготино и еден е од Куманово. Возачот Б.Д. (22) и сопатниците А.К. (25) и С.К. (21) и тримесечното бебе се од Неготино, а Ш.М. (27) од Куманово.
Повредените првично со две возила на Брза помош биле пренесени во Општата болница во Велес. Доктор Васе Панова за МИА изјави дека бебето немало видливи повреди, мајката имала нагмечувања на слабинскиот дел, а таткото нагмечување на рамо и на бутот. Останатите двајца возрасни биле со полесни повреди.
Несреќата се случи синоќа во 19:05 часот на железничката пруга Градско – Велес на околу два километра пред влезот на Велес кога возилото „рено“ излета од патот и падна на пругата.
– Во периодот од 19:05 до 23:40 часот за време на вршење на увидот, железничкиот сообраќај бил во прекин, информира портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски.