Мајките кои се на породилно отсуство треба да бидат спокојни. Се додека траат времените мерки тие не мора да се вратат на работа, соопшти МТСП.
За да се обезбеди заштита и грижа за децата, појаснуваат од Министерството, Владата на Република Северна Македонија донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за работните односи (“Сл. весник на РСМ” бр. 90), во која со членот 4 е предвидено надоместокот на плата за отсуство од работа на работничка поради бременост, раѓање и родителство и посвојување, да продолжи да се исплаќа до истекот на траењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирусот КОВИД-19,
Остварувањето на правото на надоместокот се врши преку Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија.
Одлуката за времетраењето и завршувањето на времените мерки ја носи Владата, по заклучоци од Главниот координативен кризен штаб кој одлучува според препораките на Комисијата за заразни болести.
Владата на Република Северна Македонија во континуитет ги следи состојбите и потребите кои се во интерес и заштита на децата за што благовремено ќе продолжи да ја информира јавноста.