Иконографиите не се репер за добро управување, служењето на граѓаните е репер, изјави денеска вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, по бурните реации во јавноста за нејзиното фотографирање пред симболите на УЧК.
– Дејствијата од 2001 се далеку зад нас. Нашето општество ја надмина воената криза на демократски и траен начин, за што сведочиме денес, 19 години подоцна, кога сме членка на НАТО. Во 2020 година најважно е дали политичарите им служат на граѓаните. Иконографиите не се репер за добро управување, служењето на граѓаните е репер, објави Шекеринска на Фејсбук.
На нејзиното сликање пред иконографијата на УЧК, како што објавивме синоќа, бурно реагираа Македонците на социјалните мрежи, а еден од коментарите што е објавен токму под постот на Шекеринска најдобро го отсликува расположението на граѓаните од нејзиното селфи:
– Џабе се правдаш. Што направи грешка, направи. Скриј се таму и не ги провоцирај Македонците повеќе. Претседателе Зоран Заев, вие сте на потег. Ова не се простува, гласи еден од коментарите под објавата на Шекеринска.
(Д.Г.)