Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 29 мај.

Денеска е Преподобна маченичка Теодосија.

Свети Теодосија била родум од Цариград, од богато семејство. Татко и умрел уште додека Теодосија била на седумгодишна возраст. Мајка и уште од малечка ја дала да се воспитува во манастир. Теодосија пораснала, го засакала подвижничкиот живот и не сакала да го напушти манастирот. Нејзиното страдање паѓа во времето на иконоборечкиот император Лав Исавриецот (717-741).

Света Теодосија била затворена и мачена поради нејзината ревност во одбраната на правоверното учење за почитувањето на иконите, а најпосле и погубена во 730 година.

Тропар
Блажена си ти, Теодосијо девственичке, која Го пронајде Женикот на душата своја, блажена си, маченичке света, која на лагата и се освети, земајќи ја вистината за свое оружје, блажена си ти, преподобна, која за нас секогаш се моли да останеме во крилото на Црквата, пред која се рушат вратите пеколни.

Денеска е и Свети Александар, епископ Александриски

Прв поведе борба против Ариј. Се упокои во 326 година.

Тропар
Ликува денес Христовата Црква, величајќи те тебе Александре пастиру, кој душата си ја полагаше за овците Божји, бранејќи ги од волкот духовен, кој трлото го растураше. Прими од нас, ти Христов војниче, чест, пофалба и молитвословие, и спомни не пред Царот на Славата, Спасителот на светот.

Денеска е и ден на Светиот маченик Нан (Јован) Солунски

Пострада за верата од Турците во 1802 година во Смирна.

Тропар
Јоване свети мачениче, неписмен за светот, но мудар во Христа, спозна дека душата се храни со благодатта Господова, а умот осветен со познание одозгора, ја засили љубовта во срцето, за нас моли се ти, кој за верата глава приклони, да останеме верни до нашето пред Бога претставување.

Падот на Цариград

Заради човечките гревови Бог допушти лута беда над престолнината на христијанството. На 29 мај 1453 година султанот Мухамед II го покори Цариград и го погуби царот Константин IX.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Барнаба.

Апостолите Барнаба и Павле го ширеле верувањето во Исус Христос меѓу паганите. Апостол Барнаба се родил на островот Кипар. Во Делата Апостолски се вели дека Барнаба го продал својот имот и им го дал на апостолите за сиромашните луѓе. Во 13-тото поглавје во Делата Апостолски пишува како Духот Свет ги одбрал Барнаба и Павле да одат на мисионерско патување меѓу паганите. Своето проповедување, Барнаба го завршил маченички на островот Кипар.