На 28 мај, Филипче се пофали дека Македонија имала стапка на смртност од Ковид 19 од 5,8, а замислете една Словенија имала стапка на смртност од над 7, БиХ имала стапка од над 6, а 6,2 имала и Грција. Со над шест проценти смртност бил и светот. А, Македонија, само 5,8, ама тоа значи дека не е најлоша во регионот.
Процентот со кој се испофали Филипче, а за кој веќе пишувавме на страниците на Денешен.мк, е изведен според методот кој брои ковчези од вкупната бројка на заразени. Па така, Македонија во тој ден имаше 2077 заразени и 121 починат. Тоа значеше стапка од 5,8 отсто и со тоа ете, испадна шампион и во однос на Словенија која со денови наназад немаше новозаразени, која тогаш имаше 1 473 позитивни и 108 мртви. Значи, Словенија имаше помалку позитивни од нас, помалку мртви од нас, при тестирани 75 578 лица (Македонија имаше 27 023 тестирани заклучно со 28 мај), а според Филипче полошо се справила со корона вирусот.
Денеска, 16 дена подоцна, Македонија им дополнителни 1 818 заразени (вкупно 3895) и дополнителни 58 мртви (вкупно 179 починати) од Ковид 19. Само денеска, земјата изброи 8 мртви и 194 позитивни. Но, ако пресметате според методот на Филипче, состојбата во МК не е влошена, туку подобрена, зашто стапката на смртност падна на 4,59 проценти од 5,8 на 28 мај. Заклучок, Македонија напредува.
Во меѓувреме, Словенија изброи нови 19 позитвни лица за овие 16 денови и 1 (еден) починат. Вкупно 1492 позитивни од почетокот на кризата и вкупно 109 мртви. Но, стапката и е 7,3 наспроти 7,2 во мај. Значи, Словенија има само еден починат плус, и 19 заразени плус во овие 16 денови, но кај нејзе, според методот на Филипче се влошила ситуацијата, а кај нас се подобрила.
Сосема е поинаку ако состојбата ја споредувате низ бројот на тестирани, заразени и починати на еден милион жители. Според овие параметри, Словенија има 746 позитивни на еден милион и 55 мртви. Пред 16 дена, имала 737 позитивни и 104 мртви.
Ние, денеска имаме 1945 позитивни на еден милион и 89 мртви на еден милион. Знали при ист број жители (два милиони) при двојно повеќе заразени и некаде близу 70 отсто повеќе починати, а помалку тестирани, Македонија сепак стои подбро од Словенија. Ете, така Суперменот се справува со кризата.