Бројот на вкупно досега заболени во земјава се ближи кон 4.000, новозаболените се бројат во трицифрени броеви и во последното деноноќие регистрирани се 196 нови случаи, а властите уверуваат дека имаме капацитет да се справиме и со овој актуелен бран.

-Оваа здравствена криза со која сега во овој момент се соочуваме, а тоа е коронавирусот, покажа дека е исклучително важно да имаме модерни болници во кои може за кратко време пациентите без многу лутање и на едно место да добијат здравствена услуга, а не да се препраќаат во околните болници во другите градови, оцени вчера министерот за здравство Венко Филипче во Струмица, која доби нов болнички објект.

Филипче истакна дека во изминатите три години многу е направено за здравствениот систем, суштински работи и промени кои не биле направени и повеќе од 20 години, а тоа е вистинска инвестиција во здравствениот кадар и стимулирање лекарите и медицинските сестри, но и младите лекари иднината да ја бараат тука, во земјата.

Анкетите, како што додаде, кои ги правиме со студентите на последната година на студии се многу поразлични од порано, кога над 30 до 40 проценти сакаа да заминат до земјава, а сега тој процент е многу помал.

Според премиерот Оливер Спасовски сега имаме ресурси, сериозно надграден здравстен систем во однос на капацитети за сместување, медицинска опрема и знаења на здравствените работници.

-Имаме капацитет да се справиме и со овој актулeн бран. Од почетокот на кризата со коронавирусот на секој јавен настап повторувам една работа: вирусот ќе го победиме со многу дисциплина и безусловно почитување на сите мерки кои ни ги кажуваат здравствените работници.  Верувам дека од оваа криза ќе излеземе многу посилни, многу помудри, ќе разбереме колку е важна граѓанската солидарност, поддршката на институциите, меѓусебното разбирање, граѓанската оговорност. Едноставно сметам дека по оваа криза ќе излеземе поголеми луѓе, рече Спасовски во Струмица по увидот во завршните работи на новото крило на струмичката болница.

Според него друг излез од кризата не постои и затоа ниту една друга алтернатива, освен континуирани и соодветни добри здравствени политики што можат да се справат со вакви кризи.

-Со истото темпо продолжуваме понатаму.Оваа година ќе биде запаметена по корона кризата, но и по инвестициите во здравствениот систем и во здравствените работници, истакна Спасовски.