Управата за извршување на санкциите потврди дека затворски полицаец од КПУ Затвор – Скопје во Шутка е позитивен на коронавирусот и дека се добиени информации за сите контакти кои ги имал на работното место.
Тој на 9 и 10 јуни, кога не бил на работа, имал благо покачена температура, но матичната докторка не сметала дека има потреба да се тестира зашто имал воспалено грло и му препишала терапија. Кога дошол на 11 јуни на работа, според утврдениот протокол, му била измерена температура, која била во нормала и немало причина за сомневање. Но, по добиената информација за претходната состојба, на неговото работно место биле применти заштитни мерки.
Управата соопшти дека вработениот бил ослободен од работните обврски и упатен дома, а потоа е разговарано со неговата матична докторка со цел да го упати на тестирање.
-Сите негови колеги со кои имал контакт се, исто така, упатени кај своите матични доктори откако на 13 јуни 2020 година е добиен резултат за позитивен тест на овој затворски полицаец и до нивното тестирање сите ќе отсуствуваат од работа, а на нивно место се вклучени други затворски полицајци во работниот процес, соопшти Управата за извршување на санкциите.
Во соопштението додава и дека кај останатите вработени во установата како и кај притворениците и осудените лица нема пријавено присуство на какви било симптоми на КОВИД 19 и работата се одвива непречено. /МИА