Тоа што е срам и ги револтира најголемиот број Македонци кои го бојкотираа референдумот за смена на името на Република Македонија, гордост е за гарнитурата на власт која го смени името на државата, што се покажа и на вчерашната прослава на двегодишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа.
„Историјата се пишува со храбри одлуки… Покажавме дека чудата се возможни… Докажавме дека во историјата на Балканот не се потребни победници и поразени… Преспанскиот договор вредеше затоа што станавме членка на НАТО и нѐ донесе поблизу до ЕУ…“
Ова се пораките по повод двегодишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа.
По повод годишнината од договорот, лидерот на СДСМ Зоран Заев, порача дека точно две години од потпишувањето Договорот од Преспа може слодбодно да кажеме – вредеше!
– Вредеше затоа што станавме полноправна членка на најсилниот воено-политички сојуз во светот – НАТО. Седиме на иста маса, рамо до рамо со најуспешните, најразвиените и најсилните. Македонската иднина е обезбедена, а границите засекогаш сигурни. Вредеше затоа што Преспанскиот договор нѐ донесе чекор поблизу до Европската Унија и конечно ги отворивме вратите на нашата ЕУ интеграција, порача Заев.
Наша одговорност и света должност, додаде Заев, беше да го зачуваме идентитетот македонски, и не само што го зачувавме, туку и го потврдивме и зајакнавме.
– Еднаш засекогаш Македонците и македонскиот јазик се впишаа во ризницата на светските народи и јазици и никој повеќе нема дилеми. Никој повеќе не го оспорува тоа. Го направивме изборот. Избравме иднина, наместо неизвесна и бесмислена изолација во која не втурна бесмислената политика на режимското владеење, нагласи Заев.
Лидерот на СИРИЗА и поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас по повод две годишнината од Договорот од Преспа, порача дека докажале еднаш засекогаш дека во историјата на Балканот не се потребни победници и поразени.
-Пред две години се сретнавме во Преспа, онаму каде што низ историјата поминаа победници и поразени, триумфатори и трагични херои. Им се обративме на нашите народи, на народите од Балканот кои се бореа за слобода, но беа измачувани и се измачуваат од отровот на националистичката омраза, на меѓународните конфликти и братоубиствените војни. И докажавме еднаш засекогаш дека во историјата на Балканот не се потребни победници и поразени. Доволна е почитта и силната волја за заедничка иднина на мир и развој, објави Ципрас на својот Фејсбук профил, пренесува дописничката на МИА.
Шефот на дипломатијата Никола Димитров во изјава за МИА по повод две годишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор, порача дека пред две години покажавме дека чудата се возможни, се соочивме со најголемиот проблем, за многумина нерешлив, и се вложивме целосно мислејќи на идните генерации.
-Го избравме правиот пат, што за само две години ни го донесе членството во НАТО и пристапните преговори со ЕУ. Конечно се ослободивме од навредливата придавка „бивша” или „поранешна” и го финализиравме процесот и државната лична карта во светското семејство на ОН, вели Димитров.
По повод двегодишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа, поранешниот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, на неговиот официјален „Твитер“ профил објави фотографија со министерот за надворешни работи, Никола Димитров и порака дека се на вистинската страна на историјата, јави дописничката на МИА од Атина.
-Поминаа две години, пријателе. Животот нè оправда. Промовиравме соработка и пријателство меѓу нашите луѓе и нашите земји. Ние сме на вистинската страна на историјата. Од затвор, историјата ја претворивме во училиште на иднината, напиша поранешниот шеф на грчката дипломатија на неговиот официјален „Твитер“ профил.
Поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, за МИА се присети на кратко на потпишувањето на Преспанскиот договор пред две години и уверува дека Северна Македонија е на добар пат кон ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.
-Пред две години, премиерите на Грција и Северна Македонија, Алексис Ципрас и Зоран Заев потпишаа навистина историски договор. Се сеќавам многу добро на овој ден крај преспанското езеро, овој уникатен миг кој отвори пат за нов, пријателски однос помеѓу две земји кои со децении водеа горчлив спор, се присети Хан за МИА.
Премиерот Оливер Спасовски при посетата на Љубојно и на Преспанскиот крај, со која се одбележуваат две години од потпишувањето на Договорот со Грција, порача дека историјата се пишува со храбри одлуки.
Преспанскиот договор, според него, е достоинствен и прифатлив компромис за двете страни. Двете држави, вели, вложија по нешто, но и двете држави добија по нешто исто така од него. Најголемата придобивка, потенцира, е пријателството, заемната поддршка, можностите за градење блиски односи и посилна соработка во иднина.
Вицепремиерот за европски интеграции Бујар Османи, на својот Фејсбук профил напиша „Само две години од историскиот Договор од Преспа, а историјата веќе е поинаква. Северна Македонија е 30 членка на НАТО и на самиот праг од почетокот на преговорите со ЕУ“.
Портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, порача дека Преспанскиот договор е реалност што ни ја наметна Зоран Заев, но дека тие нема да дозволат жарот за Македонија некогаш да згасне.
-Времето покажа дека за се она за кое што предупредувавме се оствари, распука бетонот за идентитетот гарантиран и излажан од Зоран Заев, економски воопшто не е добро, напротив е полошо со оваа рекетарска власт. Европската иднина токму поради оваа рекетарска власт е се уште далеку, во однос на Преспанскиот договор тоа е реалност која што Зоран Заев ни ја наметна, но ние нема да дозволиме жарот за Македонија некогаш да згасне, изјави вчера Стоилковски.
По повод двегодишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа, беше одржана и панел дискусија по повод иницијатива за основање на центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во старото училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно.