Минатата година, Грција ја посетиле 948.000 македонски државјани, бројка што е за 20 отсто помала во споредба со туристите во 2018 кога имало 1.187 000, според официјалните податоци од Банката на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Во однос на приходите за Грција од туристите од Македонија, лани достигнале до 114 милиони евра, за 26,3 отсто помалку во споредба со 2018 година. Просечниот трошок по лице е 121 евро, а просечниот трошок по ноќевање, 48 евра.
Конкретните податоци од Банката на Грција ги користи Институтот на Здружението на грчки туристички бизниси, фокусирајќи се на патниот туризам во Грција во периодот 2012-2019 година, односно го анализира туристичкиот бран преку копнените граници и туристите од Северна Македонија, Албанија, Србија, Бугарија, Романија и Турција.
Минатата година, преку копнените граници, кај јужниот сосед пристигнале вкупно 9.6 милиони туристи, со 38.2 милиони ноќевања и 1.8 милијарди евра приход за Грција. Со што патниот туризам претставува 30,6 отсто од вкупниот број пристигнувања во земјата и носи 10,1 процент од вкупните приходи.
Конкретно за нашата земја, според анализата на Институтот, како во однос на приходите, така и во однос на бројот на ноќевања, по нагорниот тренд до 2014 година, следи тренд на намалување, а од 2015 опаѓаат и бројот на ноќевања.
Доколку се направи споредба на бројот на пристигнувања од Македонија во Грција во изминатите осум години, најмногу имало во 2015 година, 3.018.363, а најмалку лани кога за прв пат бројката е под еден милион.
Слична е ситуацијата и во однос на бројот на ноќевања. Во 2014 и 2015 година имало над шест милиони ноќевања, а лани 2.348.726.