На каналот „Рекет“ на мрежата Јутјуб денеска се појави нов аудио материјал во кој, наводно, се слушаат гласовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, осудениот во случајот „Рекет“ Зоран Милевски и женски глас за кој дел медиуми јавија дека е на Слободанка Алексовска, државна функционерка во поранешното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и наводно вработена во „Систина“, болница во која дел од сопствеништвото е на Орце Камчев, главниот сведок во случајот „Рекет“.
Гласот за кој се наведува дека е на Мицкоски на снимката се слуша како вели:
„Ние Зоки се договараме извесен период да се видиме. Не успеавме да се видиме со него…со избориве почнавме. Па ја откажав, па он нешто погреби-могреби таму не знам имаше, па пак јас откажав и така се некако и не можеме да се видиме, вака, објективно да ти кажам. А, лично сакам да го видам, зашто ми помогнал. Кога ти велам ми помогнал, тоа што беше долгот кај сестра му од претходнициве мои, знаеш ти беше присутен на тој разговор кога рече „Не треба ништо“. Сега мене, јас пред година и пол кога влегов во партијата немав струја, исклучена кабелска“.
Истиот глас на соговорниците им вели дека предметот, без да каже кој, се уште не е завршен. Во тој контекст го споменува Законот за јавно обвинителство.
„Инаку, таму не е решена работата да знаете. Затоа што овој закон, ако помине вака како што мислат да помине за јавно обвинителство, тој предмет не е завршен. Напротив. Да знаете. Единствен којшто се бори во моментов сум јас“, вели гласот кој наводно е Мицкоски.