Германската канцеларка Ангела Меркел предупреди дека пандемијата на коронавирусот е далеку од завршена, додека во таа земја се зголемува стравот од втор бран на епидемијата поради зголемениот број новозаразени во одредени региони.
Меркел рече дека закрепнувањето на европската економија е нејзината главна цел, бидејќи Германија ќе го преземе шестмесечното претседателство на Европската унија на 1 јули. Таа истакна дека сите се одговорни за почитување на хигиената и правилата на социјално дистанцирање.
– Ризикот што го предизвикува вирусот е се уште сериозен. Лесно е да се заборави затоа што Германија добро се снајде во кризата досега, но тоа не значи дека сме заштитени и дека ризик нема, нагласи Меркел.
Германските власти повторно воведоа рестриктивни мерки на западниот дел на земјата, во област од околу 500.000 жители, во која околу 1.300 работници во кланицата Тенис беа тестирани позитивни за вирусот.
Навивачите на фудбалскиот клуб Шалке најавија демонстрации пред стадионот против директорот Клеменс Тенис за денеска, бидејќи кланицата на западниот дел на земјата каде избувна епидемијата е во сопственост на една од неговите компании. Несоодветните услови за живот и работа на мигрантите вработени во кланицата, исто така, се во фокусот уште од избувнувањето на епидемијата.
Коронавирус-инфекцијата е потврдена во Германија кај речиси 195.000 луѓе, од кои повеќе од 9.000 починаа.