Кинеската компанија „Нешнл биотек груп“ објави денеска дека првите резултати од тестирањето на потенцијална вакцина против коронавирус врз луѓето укажуваат на тоа дека би можела да биде безбедна и ефикасна за употреба.
Како што пренесува „Ројтерс“, оваа експериментална вакцина довела до создавање високо ниво на антитела кај сите 1.120 лица кои ја примиле во текот на првата фаза на клиничките испитувања. Станува збор за втора вакцина на таа компанија која се покажа како ефикасна во раната фаза на тестирање на луѓето.
На кинеските компании и истражувачи им е одобрено да тестираат осум потенцијални вакцини дома и во странство, со што Кина е една од водечките земји во трката за развој на вакцина против коронавирус.
За да може која било вакцина да добие дозвола за излегување на пазарот, таа треба да се покаже како ефикасна во третата фаза на тестирање, во која нејзиниот ефект се тестира на илјадници луѓе, пренесува „Ројтерс“.