Една година пред Илинденското востание, на денешен ден во 1902 година, во костурското село Вишни, во Егејска Македонија, предаден и опколен од османлиската војска се самоубил Лазар Москов. Тој е еден од плејадата македонски револуционери.

Лазар Москов е роден во 1877 година во Д’мбени, тогаш во Отоманската империја. Учел во Битолската машка гимназија и во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“. Таму се спријателил со Кузман Стефов и Лазар Поп Трајков и се приклучил на ВМОРО.

Војвода бил во Костурскиот реон. Најблиски соработници му биле Павел Христов, Лазар Киселинчев, Пандо Кљашев и Васил Чекаларов. Имал средби и со Марко Лерински и Гоце Делчев за време на неговата голема обиколка низ Македонија.

Војводата Москов се самоубил на 3 август 1902 во Вишени во текот на престрелка со турските аскер, а заедно со него бил убиен и Никола Рашајков. За Лазар Москов се пее народната песна: „И за твојата слобода слатка; смртта јуначка покоси нас, но со дрскост вечно живе борбата; и веќе е близу посакуваниот час… “

Москов бил еден од поактивните организатори на ВМРО во Костурско.

На 3 август 1903, еден ден по кревањето на Илинденското востание, во месноста Дреновица, кај Кавадарци, четата на тиквешкиот војвода Петар Јуруков водела херојска борба против 300 турски војници кои требало да заминат за Крушево. Во Борбата која траеле повеќе од 5 часа загинале 17 борци на четата и 21 турски војник.

Јуруков е роден е 1882 година во Карлово, тогаш во Источна Румелија. До 4-ти клас учел во Карлово, а 5-тиот клас го завршил во Пловдив во 1898 година. Својот револуционерен пат го започнал во Самоков , како член на младинскиот револуционерен кружок Трајко Китанчев.

Со неполни 19 години заминал со една чета предводена од Михаил Апостолов- Попето и Аргир Манасиев и се упстиле во Тиквешијата, со цел да киднапираат еден рударски инжинер, Англичанец. Потоа се префрлиле во Кукуш, заменувајќи го Христо Чернопеев.

Во пролетта 1902 година на предлог на Гоце Делчев Петар Јуруков заминува пак во Тиквешијата со цел да раководи со тиквешката околиска чета.

Непосредно пред востанието Петар Јуруков располагал со околу 300 пушки. При крајот на јули неговата четата имала 80 души од кои биле формирани три одделенија и биле изведени повеќе диверзантски акции. Поради тие дејства се зголемила раздвиженоста и репресивноста кај турската војска, па војводата Јуруков ги распуштил мобилизираните селани, а оставил 40 востаници.

Од нив се формирале две чети кои биле принудени да се префрлат во Прилепско. Во средината на август војводата Јуруков се вратил во Тиквешијата. На 16 август востаниците биле ненадејно нападнати и започнала жестока битка кај с. Шешково. Во таа борба загинале 15 четници и 17 турски војници.

Во 1905 година, по заповед на Македонската револуционерна организација, го презел раководењето со разбиениот Крушевски реон. Умрел од тешка рана во Крушево, во 1905 година. Во негова чест во Прилеп е поставен споменик, кој што бил урнат по 1944 година.

На овој ден, 3 август, во 1909 година во Солун почнал Основачкиот конгрес на Народната федеративна партија на која биле усвоени правците и задачите на партијата и било избрано партиско раководство на чело со Димитар Влахов.

(Подготвил: Д. Г.)