Министерството за внатрешни работи за време на изборите ќе постапува бескомпромисно, доследно и крајно одговорно, со никаква толеранција кон какви и да се евентуални обиди за попречување на граѓанското право за слободно изразување на политичката волја, порача на денешната прес-конференција техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.

Секое постапување кое е во спротивност со законите, нагласи тој, ќе биде соодветно санкционирано, потенцирајќи дека казните за кривичните дела против изборите се во висина и до 10 години затвор.

Чулев информира дека МВР во моментот постапува и по добиени оперативни сознанија и пријави поврзани со изборни нерегуларности.

– Полициските службеници се столбот на овие парламентарни избори и во таа насока ги повикувам да останат на висина на задачата да не подлегнат на политичктите и криминалните притисоци и влијанија, рече меѓу другото Чулев.

МВР и целиот негов кадровски и организационен потенцијал, потенцира тој, се максиламно подготвени да се справат со сите предизвици односно да овозможат во доменот на своите законски надлежности и обврски мирно и непречено одвивање на изборниот процес. При тоа, плански и организациски, како што рече, полицијата целосно е посветена на постапување насочено како кон делот на законитоста на изборниот процес, така и кон делот на заштита на здравјето на граѓаните.

Министерот Чулев на прес-конференцијата посочи и за неколку случаи за обид за изборни нерегуларности.