Гласањето на предвремените парламентарни избори во првиот час и половина минува непречено, а одѕивот на гласачите според податоците до 9:00 часот од 2.326 избирачки места, каде гласале 94.167 гласачи е 5,19 отсто, информираше портпаролот на ДИК Адмир Шабани на прес-конференција.

Навреме се отворени сите гласачки места во 7:00 часот, а гласањето ќе заврши во 21:00 часот. Се гласа на 3.480 избирачки места, а на 90 има помалку од десет гласачи така што тие се изјаснуваат во најблиското гласачко место.

Во ИЕ 1 одѕивот на гласачите е 6,58 отсто. Најмногу гласачи до 9:00 имало во општина Аеродром каде одѕивот е 10,13 отсто, додека најмал е одѕивот во Студеничани – 1,81 отсто.

Во ИЕ 2 одѕивот е 4,58 отсто. Највисок е во Ѓорче Петров – 8,05 отсто, а најмал во општина Липково – 0, 93 отсто.

Шабани не ги соопшти податоците од изборната единица 4.

Во ИЕ 3 одѕивот до 9:00 часот е 6,1 отсто. Во оваа изборна единица најмногу гласачи до 9:00 часот излегле во Крива Паланка – 8,31 отсто и Пробиштип со 10,25.

Во ИЕ – 5 одѕивот е 5,22. Највисок е одѕивот во Кривогаштани 13,1, додека во Центар Жупа е најмал – 1,01 отсто.

Во ИЕ – 6 одѕивот на гласачите е 2,59. Во Јегуновце бил највисок 4,17 додека најмал во Врапиште 1,39 отсто.

Право на глас на овие избори имаат еден милион 814 илјади и 613 гласачи.

Шабани информираше дека во понеделникот правото на глас го искористиле вкупно 723 граѓани позитивни на Ковид -19 и во самоизолација.

Од вкупно 8.852 болни, немоќни и хронично болни чии пријави беа прифатени гласале 8.325 односно 94, 04 отсто

Во 13 Казнено-поправни домови од 1.657 запишани во избирачкиот список гласале 1.272 односно 76,76 отсто. Во 17-те старски домови од 357, гласале 234 избирачи односно 80,62 отсто. Шесте внатрешно-раселени лица не гласале.

До одржувањето на прес-конференцијата, официјало не пристигнал ниту еден приговор за гласањето до ДИК.

Шабани на првата прес-конференција на изборниот ден потсети гласачите дека согласно Изборниот законик и Упатството на ДИК, своите гласачки ливчиња треба да ги обележат со заокружување на редниот број пред подносителот на листата за којшто сакаат да гласаат со хемиско пенкало со сина боја.

-Граѓаните имаат право доколку е нарушено нивното изборно право до изборните органи да поднесуваат приговори односно до Општинската изборна комисија можат да поднесат приговор за заштита на личното избирачко право и приговор за заштита на избирачкото право во која било фаза од изборниот процес, додека ОИК е должна на граѓаните да им издаде соодветен формулар каде би можеле да го поднесат приговорот, но и да им помогне да ја пополнат апликацијата за поднесување на приговори  www.prigovori.sec.mk, истакна Шабани.

Активен е и бесплатниот телефонски број 0800 55 44 на којшто заинтересираните граѓани може да се јават и да постават прашање или да остават коментар до ДИК, но притоа ќе мора да ги остават своите податоци од причина што на таков начин би можеле да добијат одговор од страна на ДИК.

Во однос на комуникацијата на граѓаните со оштетен слух и говор на денот на изборите, денеска е активен и телефонскиот број  076 488 360 на којшто овие граѓани преку видео повик може да постават  прашање до ДИК и да добијат одговор користејќи го знаковниот јазик.

Сите останати граѓани, како што потсети Шабани, на располагање ќе ги имаат и веб – страната на ДИК www.sec.mk, профилите на Фејсбук и Твитер и јутуб каналот.

Следната прес-конференција на ДИК е во 11:30 часот.