Државниот инспекторат за животна средина -Скопје (ДИЖС) и по речиси месец и пол од еколошкиот инцидент не утврди кој го загади и поцрвене Вардар.
Инспекторатот соопшти дека на 15.07.2020 година, по добиена дојава за загадување на река Вардар со црвена боја во близина на Бетонската база -Бетон, излезе на увид на посочената локација, земени се мостри кои се однесени во акредитирана лабараторија и во тек е нивно испитување.
– Отпадната вода од колекторот која се влива во река Вардар беше со видлива црвена боја. Поради овој факт веднаш се земени мостри од отпадната вода што излегува од колекторот за хемиска анализа. Земените мостри се однесени во акредитирана лабараторија и е во тек нивно испитување, соопштија денеска од ДИЖС.
Извршен е и вонреден инспекциски надзор кај правниот субјект Либерти АД-Скопје, ул. 16 Македонска бригада б.б.и е утврдено дека во момент на надзорот погонот Лужилница не бил во работен режим,односно производниот процес бил целосно сопрен.
– Погонот е запрен со работа на ден 10.07.2020 година во вечерните часови.При увид во пречистителната станица утврдено е дека во истата доаѓа отпадна вода од Погон за пластифицирање на лим, и од пречистителната станица истекуваа 210 литри/час отпадна вода која е безбојна, се појаснува во соопштението од ДИЖС.
Од ДИЖС информираат дека е извршен и визуелен увид и во пречистителната станица на Макстил АД-Скопје,и од истата истекувала безбојна отпадна вода од 100 м3/час.
– Од извршените увиди и кај двата погоре споменати субјекти нема забележано појава на истекување на црвена отпадна вода, се наведува во соопштението од ДИЖС.
Инаку, стои во соопштението, ниту Либерти АД Скопје ниту Макстил АД немаат пријавено било каков инцидент или хаварија во нивните погони, а при увидот во нивните пречистителните станици не е забележано обојување на отпадните води.