Бугарија нема да става вето и да ја блокира првата меѓувладина конференција на Република Македонија со Европската Унија. Ова го вели поранешниот бугарскиот претседател Росен Плевнелиев во интервју за Телевизија 24, по пораките со заканувачки тонови што деновиве ги упатија вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов и европратеникот Андреј Ковачев.
– Јас мислам дека тоа нема да се случи. Бугарија секогаш ја поддржувала Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон мирен, демократски и европски просперитет. Агендата на Софија кога Бугарија беше претседавач со Унијата го отвори патот на земјите од Западен Балкан кон ЕУ. Бугарија прва ја призна Македонија. Ние сме братски народ. Некои политичари можат да зборуваат како ќе решат, но вистината е дека Бугарија е голем адвокат на соседите, ние сакаме просперитет, а тоа е возможно само со влез во ЕУ, истакнува Плевнелиев.
Тој во интервјуто уверува дека Северна Македонија нема да се соочи со блокада од Софија во декември, но сепак потенцира дека прашањето со Гоце Делчев мора да се реши.

Шефот на бугарскиот тим од Комисијата за историски прашања Ангел Димитров пак денеска за бугарското Национално радио изјави дека нерешеното прашање меѓу С.Македонија и Бугарија не е само билатерален спор, туку и европски. Тој ги повика членовите на македонскиот тим  правилно и објективно да ја информираат политичката елита во С.Македонија за работата на Комисијата.

– Само со правилна анализа можеме да стапнеме на солидна основа и да ја вратиме врската на крајна блискост, која во секој случај постои во семејните односи на многу луѓе од двете страни на границата, рече Димитров.

Каракачанов минатата недела изјави дека Македонија е неправедна кон Бугарија и дека официјална Софија може да ја блокира првата меѓувладина конференција со ЕУ, ако заедничката комисија на историчари не постигне согласност.

По изјавата на Каракачанов, се огласи и Андреј Ковачев, европратеник и член на партијата на премиерот Бојко Борисов.

Ковачев порача дека од потезите на официјално Скопје, зависи почетокот на  преговорите со Европската Унија. Тој за бугарската новинска агенција БГНЕС, изјави дека во Македонија нема реална желба за напредок туку само декларстивни заложби од македонските политичари.

Македонскиот државен врв во повеќе наврати јавно го изнесуваше ставот дека не очекува Бугарија да го блокира стартот на преговорите со ЕУ. Официјално Скопје очекува наскоро да биде објавена преговарачката рамка, а меѓувладината конференција за почеток на пристапните преговори со ЕУ да се случи до крајот на годинава.