Новата Влада отвора длабинска и неселективна борба и фронт против криминалот и корупцијата. Граѓаните имаат право да знаат како се трошат нивните буџетски пари и како работат или не работат институциите и сите кои користат буџетски средства, изјави на денешната прес-конференција вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
Во целиот тој процес, нагласи Николовски, важни се сите, и институциите, и медиумите, и експертската јавноста, и невладиниот и граѓански сектор, и бизнис заедницата, и академската заедница и сите алаткти во нашето општество за да обезбедиме редот и законот да важат за сите и секаде подеднакво.
– Транспарентноста и отвореноста се наш врвен приоритет и тие ќе бидат спроведени од највисоко, сега и до најниско ниво. Оваа Влада конечно ќе ја оптимизира и управата и ќе обезбеди соодеветно алоцирање на сите човечки ресурси во јавниот сектор. Мојата позиција е резултат на определбата на новата Влада за воведување систем кој постојано генерира и испорачува и правда и ред и поредок и правна држава и го гарантира владеењето на правото и оваа сигурност на сите граѓани, изјави Николовски.
Најави дека новата Влада ќе работи на редефинирање на кодексот за етичко однесување на членови на Владата и функционерите именувани од Владата.
– Во имплементација на овој кодекс ќе важи максимата „нулта толеранција за корупција, нулта толеранција за министрите, директорите, раководители и за целата јавна администрација“. Секој што ќе се огреши пред законот, ќе мора да сноси одговорност. Мора да има ред, еднаш засекогаш во институциите. Мора да ја вратиме довербата на младите и граѓаните во финкционирање на системот за да ја градат својата иднина тука, изјави Николовски.
Ќе се работи, рече Николовски, на развивање на системска алатка за следење на парите и капиталот на функционерите и граѓаните, за да може да се превенира незаконско зголемување на имотот за време на остварување на јавна должност.
– Ќе иницирам процес на редовно координирање на сите надлежни институции. Тоа ќе биде мојата клучна и главна улога. Координативна улога, која досега ја немаше и која отсега треба да даде видливи резултати во борбата против корупцијата. Тоа се МВР, Управата за финансиска полиција и Управата за финансиско разознавање, Царинската управа, УЈП, инспекторатите и целата извршна моќ и институции кои имаат надлежност и обврска, и кои се платени од граѓаните да се борат против криминалот и корупцијата неселективно без оглед за кого станува збор, изјави Николовски.
Посочи дека мора да има отворена меѓуинституционалан координација за да има резултат и дека мора на дневно ниво да се координираат овие инстутуции за да соработуваат и даваат резултати.
– Мојот мандат не е да создавам паралелен систем на она досега. Ние ќе бидеме нивниот сигурен и стабилен партнер, што ќе биде од помош со оваа координативна улога. Заедно со меѓусебна координација и соработка, со многу работа, неселективно, со чесен и одговорен пристап пред сите генерации можеме да постигнеме позитивни и значајни резултати, изјави Николовски.
Како претседател на Комисијата за човечки ресурси и одржлив развој, најави тој, детално и темелно ќе ги разгледува сите квартални и годишни извештаи на институциите.
– Мора да имаме чесни и одговорни, и искрени кадри кои се решени и посветени да одработат за доброто на граѓаните. Кои се платени со плата да одработат и испорачаат резултат. Тука не мислам само на министерствата, туку мора да отидеме подалеку, останатите органи, општините, јавните претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост, изјави Николовски.
Во целиот процес на превенирање и откривање на корупцијата, посочи тој, потребна е ефикасна и професионална администрација, на што во следните четири години ќе посветиме сериозно внимание.
– Не можеме да очекуваме напредок ако вистинските луѓе не дојдат на вистински позиции, нагласи Николовски.
Свесни сме, нагласи тој, дека целиот процес ниту може, ниту дека некаде започнал и завршил преку ноќ, но во периодот што следи и четиригодишната програма воспоставивме јасни цели во борбата за искоренување на оваа девијатна појава.