СДСМ, преку Владата којашто ја предводи, презеде ефикасни и навремени економски мерки за помош на граѓаните и економијата во справување со последиците од коронавирусот, изјави денеска портпаролот и пратеник на СДСМ, Костадин Костаинов.
– Благодарение на навремената реакција, во нашата држава се спасени стотици илјади работни места и помогнати се десетици илјади компании. Фактите потврдуваат. Само преку мерката финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен, во месеците април, мај и јуни со 79,5 милиони евра поддржани се околу 120.000 вработени лица и околу 20.000 компании. Ова, почитувани, не се само обични бројки, ова не е само обична статистика. Ова се реални работни места во нашата економија. Покрај компаниите, финансиска поддршка добија и самостојните вршители на дејности. За месеците април, мај и јуни беа поддржани близу 6.000 вршители на самостојни дејности а вкупната поддршка изнесува над четири милиони евра. Во тек се подготовките на четвртиот пакет антикризни мерки кој наскоро ќе биде презентиран и кој ќе донесе уште поголема поддршка на работниците и компаниите. Продолжуваме уште повеќе и уште подобро, за нашите граѓани, за нашата економија, се вели во изјавата на Костадинов.
Во неговата изјава никаде не се споменува бројот на лица кои во овој период останаа без работа, а тој изнесува повеќе од 40.000 луѓе кои останаа без своите работни места во периодов за кој говори портпаролот на СДСМ.