Она што навидум не дели треба да не спојува, истакна денеска претседателот Стево Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање за македонскиот голем револуционер и херој Гоце Делчев чиј македонски идентитет се оспорува од Бугарија.
-Тој е македонски револуционер кој е еден од најзаслужните за македонската држава која стана вистина и се отелотвори во 1944 година. Тоа што тие тврдат дека тој е Бугарин и се борел за бугарската кауза, е за мене неспорно, секој има право тоа да го прави. Зошто тоа би било проблем, не само за евроинтеграциите, туку и генерално како народи, граѓани, државни раководства, држави. Ако гледаш на некого како јунак да го чествуваш и ти. И ова не мора да биде исклучиво.
Нека го чествува кој како сака. Тоа може само на нас Македонците кои го чествуваме и го почитуваме Гоце Делчев да ни прави поголем мерак. Значи, станува збор за фигура која далеку ги надминува регионалните рамки на Балканот, истакна Пендаровски.