Селекторот на фудбалската репрезентација на Косово, Бернард Шаланде на денешната прес-конференција пред дуелот со Македонија утревечер, во полуфиналниот бараж за пласман на ЕП 2020 на националната Арена „Тодор Проески“ во 20.45 часот, изјави дека неговата репрезентација е на чекор до остварување на сонот и дека без оглед на сите проблеми со отсуствата може да се справат со тешката ситуација.
– Ние не сме без проблеми, но Косово како нација и како фудбалска сила покажала дека може да се справи со тешки ситуации. Во една ваква ситуација ако селекторот е песимист и ако се жали, треба да ја смени професијата, изјави Шаланде, кој во Скопје пристигна без капитенот Амир Рахмани, кој не доби дозвола да допатува од Неапол во Скопје, фудбалерот за врска Милот Рашица, напаѓачот Ведат Муричи, а ќе недостасуваат и Крејзиу и Воца.
Токму затоа, швајцарскиот стручњак, алудирајќи на големиот број клучни играчи на кои нема да може да смета, истакна:
– Живееме во чудно време со Ковид и се случуваат чудни работи. Ние како федерација бевме во контакт со италијанските власти, но не успеавме да добиеме дозвола за Рахмани од Наполи. Не е време за полемика и жалби, треба да се сочува енергијата за овие играчи и натпреварот утре. Има многу нејасни прашања зашто нашиот играч од регионот на Неапол не може да дојде да игра иако е тестиран, а во екипата има мал број на случаи. Во исто време, кај нашите противници има играч од Италија, од екипа со голем број случаи, кој доби дозволи да дојде и да настапи, – се пожали Шаланд мислејќи на Горан Пандев, а потоа за крај нагласи дека добро ја анализира играта на Македонија.
Тој посочи дека Македонија е добра репрезентација која заслужува респект.
– Ги гледав сите натпревари на Македонија во квалификацискиот циклус. Добри се, сакаат да имаат посед на топка, играат добар фудбал и компактен тим се, вели Шаланде.