Љубомир ЦУЦУЛОВСКИ

ПРОТИВ КОГО?
На денешен ден (1941) македонскиот народ се дигна на востание.

Меѓутоа, „без свест“ против кого се бори и за што се бори. Бидејќи народот и борците, при здрав ум и бистри очи, не знаеле против кого и за што се борат, ќе се формирала (ако веќе не е формирана) посебна Метагалактичка Комисија за утврдување на историските факти.

Потоа, на учесниците во востанието (повеќето од нив веќе починати) ќе им биде објаснето дали воопшто се дигнале на востание. Ако се дигнале, тогаш ќе им биде објаснато против кого и за што се бореле, оти кутрите, препуштени сами на себе, ништо не знаат. Затоа, тука е Метагалактичката Комисија, која сѐ ќе објасни.

Сепак, независно од сознанијата на Комисијата, на македонскиот народ, како и на сите кои учествувале во НОБ, им го честитам востанието против германскиот, бугарскиот и италијанскиот фашизам, како и против окупацијата на Македонија. Нека биде вечно сеќавањето на антифашистичкото востание на македонскиот народ и борбата против секој облик на узурпирање на неговата татковина.