Новата нелегална турска Навтекс за нелегални истражувања јужно од Кастелоризо во грчкиот континентален гребен на само 6,5 наутички милји од грчкото крајбрежје, претставува сериозна ескалација и директна закана за мирот и стабилноста во регионот, соопшти Министерството за надворешни работи на Грција за издадената навигациска информација од Турција за сеизмички истражувања во Источниот Медитеран, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчкото МНР истакнуваат дека само неколку дена по средбата на министрите за надворешни работи на Грција и Турција, на која „турската страна се обврза да предложи датум за прелиминарните контакти“, Анкра повторно покажува дека „искрено не посакува дијалог“.

Во соопштението се додава дека Турција ги игнорира меѓународното и морското право и правилата на добрососедски односи.

– Ја повикуваме Турција веднаш да ја отповика нејзината одлука. Веднаш да ги запре нејзините нелегални активности преку кои систематски ги поткопува мирот и безбедноста во регионот. Грција, како современа еропска држава, не се уценува. Ќе продолжи да ги брани суверенитетот и нејзинит суверени права, паралелно придонесувајќи за зацврстување на регионалната безбедност и стабилност, соопштуваат од Министерството за надворешни работи на Грција.

Турција, доцна синоќа издаде нова навигациска информација (Навтекс) за сеизмички истражувања на бродот „Оруч Рејс“, а е во сила од денеска до 22 октомври.