ЖУГИЌ НА ПРОТЕСТОТ НА ВМРО-ДПМНЕ: Тој што врескаше „ајро, ајро“, сега си седи во фотелјата, дели тендери и не му е грижа што вие се гушите!

/ 29.10.2020

Пред да почнам со изјавата би сакала да ве известам дека поради огромните бројки на заболени од вирус, вечерва одлучивме овој протест да го спроведеме со намален број на присутни, почитувајќи ги законските мерки на присутност на протест, истакна вечерва пред Владата на РМ Јелена Жугиќ од ВМРО-ДПМНЕ.

-Се наоѓаме на прагот на грејната сезона, а мерните станици за загаденост на воздухот мерат 5-6 пати зголемено количество на канцерогени ПМ-10 честички во воздухот како во Скопје, така и во Битола, Тетово, Кичево и други градови низ Македонија. Загадениот воздух убива кога власта е неспособна. Зоран Заев пред 4 години вети дека откако ќе дојде на власт веднаш ќе го подобри квалитетот на воздухот и ќе го намали загадувањето. Зоран Заев ветуваше дека државата ќе инвестира во подобрување на квалитетот на животната средина и атмосферскиот воздух. 4 години потоа Зоран Заев нема спроведено ниту една мерка во насока на намалување на загадувањето. Македонија секоја зима се гуши. Скопјани дишат отров наместо воздух. И ниту Заев, ниту Шилегов како градоначалник на Скопје не направија ништо конкретно за намалување на загадувањето. Зоран Заев, човекот што на цел глас викаше, верувам се сеќавате „Ајро, Ајро, Ајро“ сега седи во премиерската фотелја во зградата зад нас, дели тендери на потесното семејство и воопшто не му е грижа за граѓаните кои се гушат во смог, вели Жугиќ.

Таа додава дека воздухот никогаш не бил позагаден, а негрижата на власта за здравјето на сопствените граѓани никогаш не била поголема.

-ВМРО-ДПМНЕ вечерва остави тегли со чист воздух од врвот на Водно пред Влада, бидејќи воздухот што го дишеме е се само не е чист. Чистиот воздух станува привилегија. Граѓаните се осудени да се гушат во смог заради неспособната власт, и нема да не изненади ако некоја следна бизнис идеја за која ќе бидат потрошени народните пари биде токму чист воздух во тегла. Иронично, но за жал крајно, крајно трагично! Дека нема напредок воопшто и подобрување на полето на квалитетот на воздухот нотира и ЕК(Европската Комисија) во нејзиниот најнов извештај за Македонија, каде тие кажуваат дека власта нема направено ништо за намалување на загадениот воздух, ниту централната, ниту локалната, иако се и двете под една партија. Ова почитувани граѓани е црвен картон и за Заев и за Шилегов, вели Жугиќ.

Таа додава дека и сега кога светот е погоден од најголемата пандемија на новиот век загадениот воздух е опасен катализатор за вирусот, бидејќи тој служи како трансмитер на истиот. Се соочуваме со проблеми од невидени размери. Токму затоа побаравме власта најитно да ги ослободи од работа хронично болните и бремените жени кои се под особена опасност како од пандемијата која галопира, така и од енормно загадениот воздух.

-Бараме наместо милијардите дадени за поткуп, тендери и други проневери да се обезбедат пари за намалување на загадувањето и тоа веднаш. Здравјето на граѓаните нема цена, заврши Жугиќ.


Од истата категорија