Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва на ТВ Клан истакна дека со денешната статистика во Македонија умираат повеќе лица од најцрните денови во Шпанија и Италија оваа пролет, а властите кај нас прогласија победа над пандемијата уште во мај месец, а сега е полошо од ден на ден со четвороцифрени бројки за заразени.
-Наместо подготовки за втор бран ние имавме во јавноста изјави да не се грижат граѓаните, зашто подготвени ќе влеземе во вториот бран, па еве сега влеговме во вториот бран и денеска имаме 21 граѓанин помалку во Македонија, тука нема етнички состав Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми умираат, поради негрижата на оваа Влада и институциите што ги менаџира оваа Влада, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека жали што министерот за здравство Венко Филипче одбрал да им слугува на Зоран Заев и владата, а како резултат на нивната негрижа и институциите кои што ги менаџира владата секојдневно се зголемува бројот на починати од корона вирус.
– Јас навистина жалам што господинот Филипче одбрал да до крај слугува на погрешни луѓе, сепак мислам дека е врвен професионалец и човек кој што ако се држи до тоа кое што знае најдобро да го работи ќе биде успешен. Но, за жал сега влегува во една втора фаза од неговото министерување кога практично од грешка во грешка влегува, од ден на ден влегува и јас ќе се обидам него толку да не го коментирам во денешното интервју, повеќе ќе го коментирам практично неговиот наредбодавач, а тоа се знае кој е тоа е Зоран Заев и оваа влада предводена од Зоран Заев, вели Мицкоски
Мицкоски вели дека денеска има 45,6% инфицирани лица од тестираните граѓани, и вели дека тоа е повеќе од најголемиот пик од Бергамо и во Шпанија кој што го гледавме во оној прв бран којшто се случуваше оваа пролет.
Овој денешен втор бран е последица на лошото мениаџирање во првиот бран иако „политикологот“ Караџовски прогласи победа над пандемијата некаде чинам кај мај месец, сепак некаде чувството на граѓаните е дека ние никогаш не сме излегле од пандемијата, туку таа станува од ден на ден се полоша, за денеска да имаме и четвороцифрени бројки на заболени и сериозна бројка на граѓани кои го губат својот живот, критикуваше Мицкоски.
Владата на многу начини пробуваше да замачка очи на граѓаните и да им укаже на тоа дека се е во ред, па дури и дека ситуацијата е тотално под контрола и дека Македонија е една од земјите кои најдобро се справуваат со Ковид пандемијата. Во тие моменти пари кои беа позајмени наместо да се искористат за реални потреби и за стабилизирање на здравствената и економската ситуација во државата, Владата делеше субвенции и нафта на одредена категорија на граѓани, од кои за возврат доби наместени аплаузи за да се прикрие неработата и безидејноста, вели Мицкоски.
“Јас им велев и тогаш, им го велам истото и сега. Не се потребни ПР лаги и манипулации, туку е потребна целосна посветеност на решавање најпрво на здравствената криза, а потоа и на економската. Не е важен ниту Христијан, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту дали се предложените мерки наши или ваши, туку се работи за човечки животи. Не смее да си игра со тоа никој, најмалку политичарите. Потребно е сплотување во овие моменти, да помогнеме каде што е најпотребно и да си го спасиме народот од оваа пандемија, а не да Владата да се занимава секој нов ден што да и смести на опозицијата, само за да ја задскрие неспособност”, истакна Мицкоски.
Решението на проблемот со здравствената криза не се крие во прес конференциите на Филипче со тивок и смирен тон, туку во лоцирање на изворот на проблемот и да се работи на суштинско решавање на здравствената криза. Политиката ќе се води и понатака во годините што следат, секоја политичка партија ќе се прикажува пред граѓаните, но сега не е момент за ПР манипулации, туку за сериозно зафаќање со проблемите, бидејќи неработата и некадарноста, за жал резултираат со огромен број новозаразени и за жал починати луѓе, заврши Мицкоски.