Ребалансот на Буџетот за 2020 обезбедува силна поддршка за справување со здравствените и економските последици предизвикани од пандемијата со коронавирусот затоа сите пратеници треба да покажат одговорност и заедно да ги усвојат измените и дополнувањата на Буџетот.

Ова се истакнува во денешното соопштение од владејачката СДСМ. Во продолжение целото соопштение од Бихаќска:

„Со ребалансот се предвидени 243 милиони денари што Владата ги издвои за здравството и ќе бидат распределени за набавка на лекот Ремдесивир, како и за набавка на вакцини и тестови за ковид 19. Тука се вклучени и средства во висина од 54 милиони денари за награда на сите здравствени работници кои се вклучени во третманот на пациентите заболени од корона вирусот. Со измените и дополнувањата на Буџетот за 2020 се обезбедува и поддршка за справување со економските последици преку реализација на четвртиот пакет антикризни мерки. Предвидени се 70 милиони евра  за субвенционирање на плати за 83.000 вработени за месеците октомври, ноември и декември, а 27,6 милиони евра ќе се обезбедат за домашни платежни картички од по 6.000 денари за 283.000 граѓани. СДСМ како одговорна партија е посветенa на мерките и политиките што носат поголема грижа за јавното здравје, за секој граѓанин, за секоја компанија погодени од кризата“, се вели во соопштението од Центарот за комуникации со јавноста на СДСМ.