Олгица НИКОЛА ТРАЈКОВСКА

Ние, всушност, како жив НАРОД, се` уште не сме ја доживеале доволно ТРАГЕДИЈАТА што ни` се случува! И немаме вистински однос кон Херојството и Вредностите. Затоа ги минимизираме сопствените животи и се одрекнуваме од можноста на сопствена БОРБА и Јунаштво, како за себе, така и за Татковината!

Зошто се одрекнуваме од концептот на ПОБЕДА над најголемото зло-ПРЕДАВСТВОТО!? Се отфрлаат и патриотизмот и социјалната правда и единството! Севкупниот базичен вредносен систем отиде по ѓаволите во црните дупки на Хокинг, кога и без барање, се нуди капитулација на МАКЕДОНСТВОТО!

Што е СПОМЕНИЧКАТА култура, ако не – симбол на меморијата на заедништвото и единството на Народот?! Затоа се уништува, брише!

Двојазичноста не е цивилизациски напредок, туку назадување, бласфемија  на  процесот на интеграција, што ја труе душата на народот – до целосна анестетираност кон се` МАКЕДОНСКО, како синоним на националистичко, срамно и примитивно!

Претворање во зомбирани поединци без минато и иднина, заглавени и распнати во апсолутната метафизика на СЕГА, ТУКА  и ВЕДНАШ.

Претходната УТОПИЈА за подобро утре – преку личен и заеднички напредок/развој, образование, социјална правда и рамноправност е заменета со нова: ПАРИ и МОЌ! ЕВРОАТЛАНСКИ интеграции!

Но, таму кај што се ПОРАЗОТ и БОЛКАТА, таму е местото каде што почнува отпорот  и креацијата, создавањето! За да се создаде нешто, мора да се почувствува длабоко во целото свое значење. Затоа се случува ова наше обезличување, на МАКЕДОНСТВОТО, низ годините, како систематско кинење на врските со македонската битност! Тука е најголемата опасност за постигнување најдлабоко духовно сиромаштво, беда и безнадежност! Закованост меѓу моќта на силниците и немоќта на слабите! Ем да ги молиш првите, ем да ги унижуваш вторите!

Излезот од поразот почнува со ПРИЗНАВАЊЕ и ПРИФАЌАЊЕ НА ВИСТИНАТА – со именување на работите со своето име, со не-лажење, не-шибицарење, не-камуфлирање, со соочување со другото мислење на рамноправна основа.

А со години се креира модел на НЕРАМНОПРАВНОСТ кон надвор, кон внатре, кон партии, власт, меѓу народот, само по критериум на МОЌ. Зачинети со перманентен СТРАВ од наметнати и безвредни авторитети, заедно со наметната мантра за безнадежност и немање АЛТЕРНАТИВА!

Нема СТАБИЛНОСТ без правда и слобода!

ЦЕНАТА на рамноправноста не е обезличувањето на поединецот и народот! Стабилноста не е можна без силна критична маса, без скепса и судир на мислења! Послушноста не е метода за напредок! Ќе имаше ли напредок без непослушноста на ПРЕДВЕСНИЦИТЕ на Напредокот?

Гилотината е цена на Напредокот!

A цената на послушноста е – Заборавот!

Ние денеска бираме:

Гилотина или Послушност?

Мојата Непослушност во Име на  Помнење на Нашето!