Врховниот суд на САД застана на страната на верските организации во спорот околу рестриктивните мерки кои ги воведе гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо, со кои се ограничува бројот на присутни на верските служби.
Црквите поднесоа жалба на воведени мерки, иако бројот на заразени и починати од коронавирусот во САД сè уште многу расте, јави Си-Ен-Ен. Во последниве денови, бројот на нови дневни случаи се движи меѓу 170.000 и 180.000, а повеќе од 2.000 луѓе дневно умираат од Ковид-19.
– Прописите не можат да се сметаат за неутрални затоа што на црквите им се наметнуваат особено строги мерки. Во црквите и синагогите во црвената зона не смее да има повеќе од 10 лица, додека компаниите категоризирани како „важни“ можат да примат онолку луѓе колку што сакаат. Меѓу важните компании се вбројуваат објекти за акупунктура, кампови, гаражи и слично, како и фабрики кои произведуваат хемикалии и микроелектроника и сите капацитети за транспорт, се вели во соопштението на судот.
– Поради овие причини, сметаме дека мора да се прекине спроведувањето на строгите рестриктивни мерки за верските служби, се додава во документот.