Елка ЈАЧЕВА УЛЧАР

Татко ми, кој Господ лани си го прибра кај себе, зашто веројатно и тој сакаше да го заштити од овој срам и јад што го тргаме денес сите Македонци и не само овде во Македонија, туку и во Европа, САД и Австралија, цел живот пееше за неговата „Загубена падина“. Таа негова загубена падина се наоѓа долу кај водопадниот Воден во Егејска Македонија, кој според Преспанскиот сега е Едеса, Северна Грција. Татко ми знаеше да каже во часови на интимност – само тој што не изгубил татковина – не знае што е тоа – да немаш татковина! Јас и моите современици, за разлика од нашите предци, ја имав среќата да имам Татковина.

И да можам да растам и да се школувам на мајчиниот јазик – македонски. Иако ми се чини бесполезно да ви објаснувам – мајчин јазик е оној јазик на кој ни кажуваат мајките дека сме им СЕ на светот! Така како што мајките не гушкаат и не штитат како деца – така не гушка и не прегрнува мајчиниот јазик до крајот на животот, независно дали живееме во татковината или далеку од неа. А татковината е, другар Заев, ако не си знаел земја… која те храни и тогаш кога немаш ни скршена пара во џебот и таа земја што не храни, другар Заев, ни припаѓа на сите не е лично твоја и е твој сопствен имот.Таа е земја на која ти, и ниту еден друг политичар пред тебе, се одважи да и го смениш името се вика Македонија. Ете таа земја се вика Македонија. И тебе ниеден меѓународен договор не ти го дал правото да располагаш со неа и со народот што живее во неа како твоја лична сопственост.

Ова што ѝ го правиш на Македонија, на сиот народ што живее во Македонија, а најмногу на Македонците и на македонскиот јазик не ѝ го направил ниту еден државник на својата земја! Ви честитам другар Заев историјата ќе ве запише како единствен политичар во човештвото кој тргнал да тргува со сопствената земја, со сопствениот народ и со сопствениот јазик за „туѓи бели дворови“. На овој гладен, ограбен и осиромашен народ му го одзедовте единственото нешто што му беше останото: Достоинството, честа и гордоста и го пониживте. Во овие 3 и пол години – другар Заев – го натеравте овој народ да го шепоти името Македонија и да го крие под разноразни синтагми како „вашата, нашата земја“.

Вие, Зоране Заев, решивте да го научите овој народ кога смее да го изусти зборот „македонски“, уште повеќе кога смее да го нашише. Вие, другар, Заев, од Македонци не направивте да бидеме граѓани на Република С Македонија. Неодамна ви напишав Отворено писмо во кое ве молев Вас и Вашиот колега Никола Димитров да ги запрете преговорите со „добриот“ ни сосед, зашто јас не им верувам на „Данајците дури ни кога дарови носат“. Како што е практиката со секој голем државник попусто очекував од Вас да побарате од нашиот „добар сосед“ извинување пред човештвото за злосторствата што ги направиле во Македонија во текот на Втората светска војна. Тоа им го должиме на нашите предци и на предците на македонските евреи . Не сте вие повикан ниту имате знаење да толкувате историски факти. Не сте вие тој што ќе ни кажувате кој бил фашист, а кој не. Историјата одамна го кажала тоа. Гробовите на нашите партизани, на тие наши млади македонски херои, гробницата на 12-те убиени невини деца од Ваташа, семејните преданија за тоа кој колел и кој убивал на ова парче земја до последна педа натопена со крв – сведочат за тоа!

Не сте вие тој што ќе кажувате кој бил Гоце Делчев. Неговата борба и неговиот аманет да почива во главниот град на независна Македонија го кажале тоа уште пред повеќе од еден век. Не сте вие тој што ќе прави политички упад во македонскиот јазик и тој во него ќе креира ново зборообразување. Не! Секој јазик природно се развива, па така и македонскиот. Според тоа, македонскиот јазик не е од 1945. Тој е јазик со долговековна усна и писмена традиција! Првиот словенски писмен литературен јазик настанал врз база на македонски говори околу Солун, а со глаголица го запишале браќата Кирил и Методиј уште во 9. век. Таа глаголица која токму на дејноста на светиот Климент од Охрид уште два века живееше во Македонија, кога во Бугарија наголемо се користеше кирилицата. Знаете, зошто Зоране Заев? Поради почитта што ја имал Климент спрема својот учител и своите предци. Нешто што вие го немате.

Нешто што вам ви е туѓо и непознато. Македонскиот јазик како и секој друг јазик не застанува со своето простирањето на државните граници. Вие му го скастривте тоа простирање Зоране Заев и тргнавте наспроти она за што пееше нашиот најголем македонски учител, Блаже Конески, дека јазикот е нашата единствена татковина. Затоа, Зоране Заев секој обид од политиката да го модификува јазикот според своите потреби е осуден на пропаст. Оти ниедно силување не МОЖЕ ДА БИДЕ благороден чин! Оние што ве гласале, ве гласале за да донесете правда во Македонија, да го прекинете грабежот од устите на овој питом народ и да му ја зачувате Македонија оти за неа и родителите, и од учителите и сите политичари до тебе учевме – дека Македонија е се што имаме!

Ништо не остваривте од она што го очекуваше еден огромен процент од македонскиот народ. Вие, другаре Заев, немате знаење, интегритет и кредибилитет да го водите овој народ и оваа земја. И затоа повлечете се! Знам дека мене како „неваша“- нема да ме послушате. Но очекувам од вашите партиски другари и од министрите од Владата за кои се надевам дека зачувале барем трошка достоинство, уште вечерва во еден глас да ви кажат -ОСТАВКА!!! Одете си Зоран Заев! Зашто во оваа земја сите имаме право да живееме, а не само малкутемина избрани од тебе кои имаат корист да не ти кажат дека си ГОЛ и БОС!