Ќе започнам со она што сметам дека е сега најважното и најнеопходното, а тоа е да го повикам претседателот на владата и министерот за надворешни Бујар Османи, веднаш и неотповикливо да ги прекинат преговорите со Република Бугарија. Никој не им дал мандат тие да преговараат, односно да водат политика со Македонија и со македонскиот народ, изјави на денешниот протест, професорот по историја д-р Михајло Миновски.

– Ги повикувам колегите од комисијата на Владата, историчарите и другите, односно двете комисии веднаш и неодложно да поднесат оставки, затоа што во науката не е дозволено да се преговара и договара за историското минато, за македонските револуционери, за македонската државност и за македонското свето име.

Миновски рече доколку тоа не го направат, мнозинството од македонските историчари и интелектуалци, ќе сметаат дека тие не се македонски историчари, туку бугарски историчари од Македонија.

– Уште нешто многу поважно што може да направи претседателот на Владата е веднаш да се откаже од оној антимакедонски договор со Република Бугарија за наводно добрососедство и пријателство и соработка, тоа не е ништо во суштина, туку буквално антимакедонски договор. Не може владата од позиција на власт да ја менува македонската историја, да ги искрвари светите спомени на македонските револуционери и борци, да ја деградира македонската држава, од национална држава, унитарна на македонскиот народ во протекторат на соседните држави. Затоа според обврските што ги преземал со двата договори, со Република Бугарија и со Република Грција, нашите соседи имаат право да го уредуваат внатрешното уредување на земјата и истовремено да ги определуваат и нашето историско минато и нашата сегашност Според тоа, ако реално се читаат двата договори, укината е македонската држава, сега имаме држава протекторат на соседните држави, дури и на меѓународната заедница. Затоа ако владата не најде сили да се сообрази со волјата на македонскиот народ, очекувам тогаш македонски народ да ги преземе работите во сои раце, посочи тој.