Познатиот ирански нуклеарен научник Мохсен Факризадех Махавади е убиен денеска во близина на Техеран. Тој беше шеф на центарот за истражување нови технологии во елитната Револуционерна гарда, пренесе CNN.
Се верува дека тој управуваше со контроверзната нуклеарна програма во Иран. Државните медиуми известија дека веројатно станува збор за атентат.
Минатата година Иран почна да се повлекува од нуклеарниот договор од 2015 година, една година откако американскиот претседател Доналд Трамп го напушти договорот и воведе санкции кон Техеран.
Шефот на иранската дипломатија Мохамад Џавад Зариф тврди дека постојат индиции дека најверојатно Израел е вмешан во убиството на нуклеарниот научник, додека иранскиот министер за одбрана Амир Хатами убиството го оцени како „длабока омраза на напријателот“ кон Иран.
– Терористите денеска го убија истакнатиот ирански научник. Ваков кукавичлук, со сериозни индиции за улогата на Израел, покажува очајно поттикнување војна, напиша Зариф на Twitter, но не наведе докази за неговите тврдења.
Тој истакна дека Иран ја повикува меѓународната заедница, посебно Европската Унија, да прекине со „срамните двојни стандарди“ и да го осудат таквиот „акт на државен тероризам“.