Ве охрабруваме и вас, и земјите членки на Европската Унија да продолжите да барате решение за билатералните прашања надвор од процесот за интеграција на вашата земја во ЕУ и да остварувате прогрес во овие аспирации со отворање и затворање на поглавјата во преговорите, порача денеска помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт Департмент Филип Рикер во писмото до премиерот Зоран Заев.
-Високо ги оценуваме вашите напори да ги водите разговорите во духот на добра волја и да одржувате посветеност во обезбедувањето европската иднина на С. Македонија која земјата покажа дека ја заслужува, нагласува амбасадорот Рикер во писмото.
Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт Департмент истакнува дека Соединетите Американски Држави остануваат посветени во поддршката на Македонија за нејзините интеграции кон ЕУ.
Тој изразува разочарување што земјите членки на ЕУ не постигнаа согласност да ја одобрат преговарачката рамка за почеток на преговорите за членство на ЕУ за нашата земја.