САД соопштија дека за нив претседател на Венецуела е лидерот на опозицијата Хуан Гуаидо, иако спорните парламентарни избори му дадоа на претседателот Николас Мадуро целосна контрола врз законодавниот дом.
– САД ќе продолжат да ги признаваат вршителот на должноста претседател Гуаидо и легитимното Национално собрание, нагласи американскиот државен секретар Мајк Помпео.
– Меѓународната заедница не може да дозволи Мадуро, кој е нелегално на власт затоа што ги украде изборите во 2018 година, да победи по кражбата на второто гласање, додаде Помпео.
Европската унија ги отфрли резултатите од парламентарните избори во таа јужноамериканска држава кои укажуваат дека режимот на Мадуро освои мнозинство. Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел рече дека гласањето не ги исполнувало минималните меѓународни стандарди.
Коалицијата предводена од претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, прогласи победа на изборите во Националното собрание, кои беа бојкотирани од опозицијата. Индира Алфонзо, претседателката на Националната изборна комисија на Венецуела, истакна дека Обединетата социјалистичка партија на Мадуро и нејзините сојузници освоиле 67 отсто од местата во Националното собрание.
Изборната комисија, исто така информираше дека на гласање излегле 31 процент од вкупно 20 милиони гласачи. На парламентарните избори во земјата, одржани во 2015 година, имаше одзив од 64,25 проценти. Опозицијата доби 65 проценти од гласовите и освои 112 пратенички места, од вкупно 167 во Националното собрание.