Не смееме да бидеме рамнодушни и да игнорираме какво било непочитување на основните човекови права, што може да ескалира во која било форма на насилство, изјави претседателот Стево Пендаровски.
– Секој од нас е должен да даде јасна поддршка на активистите и борците за човекови права. Слободата на мисла, совест и религија, на изразување и собирање, социјалните, економските и културни права се дел од фундаменталните, неотуѓиви и меѓузависни човекови права и слободи кои се бедем против обидите за нарушување на интегритетот на личноста, напиша претседателот на државата Стево Пендаровски во пораката по повод 10 Декември – Меѓународниот ден на човековите права.
Одбележувајќи го Меѓународниот ден на човековите права, вели претседателот, се потсетуваме дека овие универзални придобивки се родија од најголемите кризи на човештвото.
– Напишана во свет кој се опоравуваше од ужасите на Втората светска војна, Универзалната декларација за човековите права беше првиот глобален документ којшто создаде морална обврска за почитување на вроденото достоинство и еднаквост на секој човек. Од тоа достоинство произлегува правото на живот, слобода, лична безбедност, еднаквост пред законот, пишува Пендаровски.
Сепак, милиони луѓе, вклучително и наши граѓани, укажува претседателот, не ги уживаат универзалните права поради низа структурни нееднаквости и системски неправди, поради говор на омраза, дискриминација, насилство и нетрпеливост кон различностите.
Меѓународниот ден на човековите права годинава се одбележува во време на пандемија на Ковид-19, којашто уште повеќе, вели Пендаровски, го нагласи значењето на доследното почитување на правата на сите луѓе, без разлика на родот, расата, попреченоста, религијата, политичкото убедување, сексуалната ориентација, националното или социјално потекло, социјалниот или друг статус.
– Со уште поголема посветеност да се залагаме за заштита на човечкото достоинство, со посебно внимание кон ранливите членови на нашето општество. Човековите права треба да се почитуваат секаде и секогаш, без исклучок, напиша претседателот Пендаровски во пораката по повод Меѓународниот ден на човековите права.