Не треба да има разлика во третманот меѓу пратениците и новинарите кои беа во Собранието на 27 април, вели за „Фокус“ премиерот Зоран Заев, откако Основниот граѓански суд во Скопје донесе пресуди со кои се одбиваат тужбените барање на новинарката Наташа Стојановска и Душица Мрѓа, кои бараа повреда на нивните права и штета од државата за настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија.

-Не можам да толкувам судски пресуди, недозволиво е премиер е да се меша во судската власт. Но, како човек можам да кажам мислење дека пратениците и новинарите треба да се разгледуваат како оштетени подеднакво. Вие бевте не работа тогаш како што беа и пратениците, изјави премиерот Заев.

ЗНМ вчера соопшти дека ја оценува како срамотна пресудата за настаните од 27 април 2017 во Собранието, на штета на новинарите и на слободата на изразување во земјава и најави дека за пресудата ќе ги извести сите релевантни меѓународни организации.

-Фактот што судот не признава повреда на правото на слободата на изразување и бара од новинарите да докажат општо познати факти, дека имало упад во Собранието од страна на лица кои јавно демонстрирале на 27 април 2017 година е тенденциозен и преставува преседан во контекст на овој случај. Исто така, небулозно е тврдењето на судот дека новинарите немале право да бараат надомест на нематеријална штета за претрпени душевни болки и наведува дека двете немале телесни повреди. Скандалозен е фактот што судот не признава дека душевната болка, страв и траума кој биле доживеани од страна на присутните новинари е проблематично и притоа се имплицира дека немале телесни повреди тужителите, наведоа во соопштение од ЗНМ.