На Граничниот премин Ново Село, на излез од Република Македонија, вчеравечер полицијата при преглед на товарно возило „МАН“, со бугарски национални ознаки, управувано од бугарскиот државјанин пронашла 102 пакувања марихуана, скриени во специјално направен бункер.
Од МВР денеска информираа дека полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи го лишиле од слобода А.К.К.(48), од Република Бугарија, поради сомнение дека е сторител на кривично дело „неовластено пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
– Имено, во периодот од 20.00 до 23.00 часот на Граничен премин Ново Село, на излез од РС Македонија, од страна на полициските службеници од Одделот за криминалистичка полиција, во соработка со припадници од Царинската управа, при преглед на товарно возило „МАН“, со бугарски национални ознаки, управувано од бугарскиот државјанин А.К.К., била пронајдени 102 пакувања наркотичната дрога марихуана, скриени во специјално направен бункер во горниот дел од кабината на возилото, односно околу 100 килограми дрога, се појаснува во соопштението од МВР.
Пронајдената дрога од страна на мобилен тим и Царинската управа се предадени на СВР Струмица за понатамошната постапка, а лицето е приведено во полициска станица и во текот на денешниот ден ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство Струмица, по член 215 од Кривичниот законик.
Со ова, се наведува во соопштението од МВР, е спречен уште еден обид за меѓународен транспорт на дрога, а последната акција на нашата полиција е уште доказ повеќе дека бескомпромисната борба против криминалот продолжува.
Инаку, честопати досега сме биле сведоци на „големи акции на МВР“ во моменти кога другите министерства и Владата немаат резултати, како што е последниов случај со Договорот за пријателство со Бугарија и „пријателското вето“ што Македонија го доби во ЕУ.
Честопати најавувани и спроведувани „големи полициски акции“ послужуваат не само за гонење на криминалот, туку и за одвлекување на вниманието од други големи економски или политички проблеми во државата.